Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Рускиот опозиционер Владимир Кара-Мурза осуден на 25 години затвор

Опозицискиот критичар Владимир Кара-Мурза беше осуден на 25 години затвор од московскиот суд, што е најстрогата казна од ваков вид откако Русија ја започна инвазијата на Украина. Кара-Мурза беше прогласен за виновен за предавство и други злосторства, што тој ги негираше.

Кара-Мурза (41), татко на три деца и опозициски политичар кој има руски и британски пасоши, во последните години јавно зборуваше против рускиот претседател Владимир Путин. Тој, исто така, лобираше кај западните влади да воведат санкции против Русија и некои нејзини граѓани за наводно кршење на човековите права, пренесува Ројтерс.

Државните обвинители, кои побараа од судот да го затворат на 25 години, го обвинија за предавство и дискредитација на руската војска, откако тој ја критикуваше она што Москва го нарекува „специјална воена операција“ во Украина.

Во интервју за Си-Ен-Ен кое беше емитувано неколку часа пред да биде уапсен, Кара-Мурза рече дека Русија ја предводи „режим на убијци“. Тој, исто така, одржа митинзи во САД и низ светот, обвинувајќи ја Москва за бомбардирање цивилни цели во Украина.

Во својот последен говор пред судот минатата недела, Кара-Мурза го спореди неговото судење, кое се одржа зад затворени врати, со „шоу-процесите“ под Јосиф Сталин во 1930-тите. Тој одби да побара од судот да го ослободи, велејќи дека е „горд на се што кажал“.

„Криминалците треба да се покаат за она што го направиле. Во затвор сум поради моите политички ставови. Исто така, знам дека ќе дојде ден кога ќе се крене темнината над нашата земја“, рече Кара-Мурза.

Извор: Еуроњуз/Ројтерс

Зачлени се на нашиот е-билтен

Најново