Руте: Ако Пекинг го нападне Тајван, Москва може да запали втор фронт против НАТО

Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, во интервју за „Њујорк Тајмс“ изнесе мрачна прогноза: Кина би можела намерно да ја искористи Русија за да го одвлече вниманието на САД од Индо-Пацификот и така да создаде простор за атак врз Тајван. „Ако Си Џинпинг реши да нападне, прво ќе ѝ се јави на Москва за да предизвика хаос во Европа со напад врз територија на НАТО“, оцени Руте, посочувајќи дека такво дводелно сценарио би можело да се реализира во рок од пет до седум години.

За да се спречи ваков расплет, Руте бара од земјите-членки драматично да ја засилат воената моќ и да удрат врска со Индо-Пацификот во одбранбената индустрија и иновациите. Руското производство, вели тој, расте со „невидено темпо“, тројно повеќе муниција за три месеци отколку што произведува целата Алијанса за една година. За да се врати рамнотежата, според договорот од јуни, трошоците за одбрана мора да скокнат на најмалку 5 % од БДП – сегашните 2 % се „премалку за вистинска заштита“.

Руте апелира не само армиите, туку целите општества да се подготват: „Ако не го сториме тоа, ќе мораме да учиме руски“, предупредува, нагласувајќи дека Кремљ вложува масивни ресурси во тенкови, ПВО-системи и артилерија. Паралелно, НАТО признава дека и натаму нема доволно индустриски капацитет да одговори на темпото на Русија или Северна Кореја – прашање на кое, како што вели, веќе се работи.

Москва не остана без реплика. Заменик-претседателот на рускиот Совет за безбедност, Дмитриј Медведев, го исмеа Руте дека „се пренасмукал холандски магични печурки“ и цинично му порача: „Точно е дека треба да учиш руски – ќе ти се најде во сибирски логор.“

Во меѓувреме, „South China Morning Post“ објави дека шефот на кинеската дипломатија Ван Ји уверувал висока претставничка на ЕУ дека Пекинг „не може да дозволи Русија да загуби“ зашто тоа би ѝ овозможило на Америка целосно да се сврти кон Кина. Ван демантира воена или финансиска поддршка за Москва, тврдејќи дека „доколку ја имаше, војната одамна ќе беше завршена“.

Руте, пак, во новото глобално геополитичко шах-табло гледа јасна врска меѓу Индо-Пацификот и Атлантикот и предупредува дека НАТО нема луксуз да ја потцени таа оска Москва–Пекинг. Во спротивно, вели, Европа би можела да се соочи со војна на две полиња, како што од Тихиот Океан до Балтикот повторно е актуелно прашањето: кој прв ќе попушти – одбраната или агресијата?

Зачлени се на нашиот е-билтен