Руте: Ќе ја браниме секоја педа од територијата на НАТО

Ќе ја браниме секоја педа од територијата на НАТО

Земјите членки на НАТО на денешното заседание на Северноатлантскиот совет ја потврдија заедничката посветеност на непоколебливата колективната одбрана, изјави генералниот секретар на Алијансата, Марк Руте на прес-конференција по седницата на Советот. 

– По состанокот, сојузниците издадоа силна изјава за солидарност и решителност, осудувајќи ги неодговорните постапки на Русија, кои се ескалирачки, ризични, погрешно проценети и загрозуваат животи. Не сакаме да видиме продолжување на овој опасен тренд од страна на Русија, намерен или не, и ние сме подготвени и спремни да продолжиме да ја браниме секоја педа од сојузничката територија, рече Руте. 

Тој додаде дека консултациите во Советот биле одржани на барање на Естонија, откако три вооружени ловци МиГ-31 во петокот го нарушија естонскиот воздушен простор, на што НАТО реагираше веднаш. 

Оваа реакција, според Руте, е доказ за подготвеноста на НАТО да реагира на копно, по море и во воздух на секој потенцијален ризик од упад на територијата на земја членка. 

– Поради тоа планираме. За тоа се обучуваме. И тоа функционира, нагласи Руте. 

Генералниот секретар на НАТО потенцира дека врховниот командант на сојузничките сили во Европа, генералот Алексиус Гринкевич, ги има алатките и овластувањата што му се потребни за да ја гарантира одбраната на сојузниците, која дополнително ќе биде зајакната со иницијативата „Источна стража“, најавена минатата недела, како дополнителна заштита на Источно крило на Алијансата и насекаде каде што ќе биде потребно. 

– Сојузниците, исто така, продолжуваат да тренираат за да се осигураат дека сме подготвени за какви било закани со кои би можеле да се соочиме. Дури и сега, најголемиот носач на авиони во светот „ Џералд Форд“ е во соседството и тренира со сојузниците од целиот континент, зајакнувајќи ја нашата способност да дејствуваме заедно, рече Руте. 

Според него, ваквите вежби се многу значајни за зајакнување на способноста на НАТО за одвраќање и за одбрана. 

– Тоа е она што ќе продолжиме да го правиме со целосна решителност, заклучи Руте. 

Претходно, Северноатлантскиот совет објави изјава со која беа осудени руските упади во воздушниот простор на земјите членки на Алијансата, најавувајќи робустен одговор на „неодговорните постапки на Русија“. 

– Ќе продолжиме да одговараме на начин, време и домен по наш избор. Овие и други неодговорни постапки на Русија нема да ги обесхрабрат сојузниците во нивните трајни обврски за поддршка на Украина, чија безбедност придонесува и за нашата, како и во остварувањето на нејзиното вродено право на самоодбрана против бруталната и неиспровоцирана руска агресивна војна, се додава во изјавата.

Зачлени се на нашиот е-билтен