На годишнината од основањето на Алијансата, генералниот секретар рече дека „како што светот станува поопасен“, потребата за НАТО никогаш не била поголема: „И ние сме обединети во нашата посветеност еден кон друг во оваа Алијанса“.
Генералниот секретар ја заврши својата прес-конференција во петокот со подвлекување дека НАТО останува камен-темелник на трансатлантската безбедност и глобалната стабилност: „Низ годините, работејќи заедно, сојузниците ја обезбедуваа безбедноста преку сила. Од се што слушнав во последните два дена, ние сме на добар пат да продолжиме да испорачуваме добро во иднината“.
На состанокот во Брисел Северна Македонија беше претставена од министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски.
НАТО, Северноатлантска договорна организација или Организација на Северноатлантски договор понекогаш исто така нарекувана како Северноатлантската алијанса, Атлантска алијанса, е меѓународна безбедносна организација создадена со потпишувањето на Северноатлантскиот договор на 4 април 1949 година.
Република Северна Македонија стана 30-та земја-членка на НАТО на 27 март 2020 година. Со тоа, реализиравме една од нашите најважни стратешки цели, која беше заедничка и зацртана со едногласна одлука на Собранието уште во 1993 година. Членството во НАТО како стратешка цел секогаш имало силна поддршка од јавноста и широк натпартиски, меѓуетнички и општествен консензус. Членството во НАТО е најголемиот придонес за нашата безбедност и стабилност. Тоа е најсилната гаранција за заштита на територијалниот интегритет и на суверенитетот на Република Северна Македонија.
НАТО е најуспешната воено-политичка Алијанса во историјата на човековата цивилизација. НАТО е сојуз за колективна одбрана на земјите членки. Алијансата е воено-супериорна, политички силна и релевантна и економски доминантна организација, која обединува безмалку 1 милијарда луѓе и повеќе од 50 проценти од светскиот БДП.
Со нашето членство во НАТО значително се подобри безбедноста и стабилноста во нашиот регион. Сега имаме поблиска соработка со сите наши соседи кои се членки на НАТО. Воедно, имаме и поблиска соработка со другите Сојузници кои се во нашиот регион. Нашето членство во НАТО го користиме и како шанса да дадеме активен придонес во функционирањето на Алијансата и на нејзиниот развој.
За Северна Македонија, зачувувањето на мирот и стабилноста на Западен Балкан е еден од врвните надворешно-политички приоритети. Силната посветеност на НАТО кон Западен Балкан како стратешки важен регион, е од најголемо значење за одржување на мирот и стабилноста во регионот. Овој пристап (промовиран на Самитот во Брисел во 2021 година и реафирмиран во новиот Стратешки концепт на НАТО) и долгогодишниот ангажман на Алијансата во Западен Балкан дадоа значајни резултати.
Од 30-те членки на НАТО, 21 земја се членки и на ЕУ. Ние сме еднаков дел од ова големо семејство на развиени демократии. Заедно со нив го даваме нашиот придонес кон светскиот мир и безбедност. Ние не сме повеќе објект во гео-политичките дискусии, сега сме субјект кој активно придонесува во дискусиите и во носењето на одлуки по сите прашања. Тоа значи дека имаме споделена одговорност и обврска да дадеме придонес кон одржувањето на мирот, безбедноста и стабилноста.
НАТО Сојузниците и членките на ЕУ ги делат истите вредности, НАТО и ЕУ играат комплементарна, кохерентна и меѓусебно зајакнувачка улога во поддршката на меѓународниот мир и безбедност. Северна Македонија целосно го поддржува унапредувањето на стратешкото партнерство НАТО-ЕУ, зајакнатите политички консултации и зголемената соработка за прашања од заеднички интерес, како што се воената мобилност, отпорноста, влијанието на климатските промени врз безбедноста, новите и нарушувачки технологии, човековата безбедност, агендата за жени, мир и безбедност, како и борба против сајбер и хибридни закани.