Вашингтон бара европските сојузници до 2027 година да преземат поголем дел од конвенционалните одбранбени капацитети на НАТО, од разузнавање до ракетни системи јавува „Ројтерс“, повикувајќи се на повеќе извори присутни на состанокот меѓу Пентагон и европски дипломати. Овој амбициозен рок, кој многумина во Европа го сметаат за нереален, би значел историско пренасочување на тежиштето во Алијансата, во која САД традиционално играат доминантна улога.
Според истите извори, американските претставници порачаа дека Вашингтон не е задоволен од напредокот што европските држави го направија од 2022 година наваму, по руската инвазија врз Украина. Доколку Европа не го исполни бараниот напредок до крајот на 2027 година, САД би можеле да престанат да учествуваат во одредени координациски механизми на НАТО, чекор кој би го нарушил функционирањето на Алијансата.
Иако Вашингтон бара Европа да ја преземе „главната тежина“ во конвенционалната одбрана, не е јасно по кои критериуми САД би го мереле напредокот, ниту дали рокот официјално го претставува ставот на целата администрација на претседателот Доналд Трамп. Во самиот Пентагон и во Конгресот постојат спротивставени гледишта за тоа колкава улога САД треба да имаат во европската безбедност.
Европските дипломати, пак, предупредуваат дека рокот е недостижен. Иако голем број земји ја зголемуваат воената потрошувачка, производните капацитети се ограничени, а многу американски системи, како напредните разузнавачки технологии, немаат брза или лесно достапна замена. Ниту зголемувањето на буџетите не може да го надомести ова во краток рок.
ЕУ веќе постави цел Европа да биде „подготвена да се брани самостојно“ до 2030 година, рок што и европските лидери го сметаат за крајно амбициозен. Западните земји се соочуваат со недостиг од муниција, дронови, системи за воздушна одбрана и други способности.
Од НАТО велат дека европските сојузници навистина презеле поголема одговорност од минатото, но не го коментираат рокот за 2027 година.
Администрацијата на Трамп има долга историја на притисоци врз европските партнери да трошат повеќе за одбрана. Иако претседателот понекогаш ја критикува Алијансата и дури сугерира дека Русија може да ги нападне земјите што „не плаќаат доволно“, на последниот самит на НАТО тој ги пофали европските лидери што прифатија зголемување на таргетот за одбранбена потрошувачка на 5% од БДП.
Во последните месеци, политиката на Трамп кон Русија колебливо се движи меѓу тврд пристап и подготвеност за договор, нешто што ги загрижи европските влади, кои веќе се чувствуваат исклучени од дел од преговорите кои Вашингтон ги води со Москва за Украина.
Американскиот заменик државен секретар Кристофер Ландау, говорејќи на состанок на министрите за надворешни работи на НАТО, рече дека е „очигледно“ дека Европа треба да понесе поголема одговорност за сопствената одбрана. „Претходните администрации го велеа ова во различни форми, но нашата го мисли сериозно,“ напиша тој на платформата X.
Новите барања на САД најавуваат силен притисок врз европските држави и можен пресврт во историјата на НАТО токму во момент кога Алијансата се соочува со најголемата безбедносна криза по Студената војна.

