САД ги одложи нападите, оружјето на Израел не мирува

Израел

Израелската војска рано утрово објави дека започнала бран напади „во срцето на Техеран“, додека чад се крева и над Бејрут, откако американскиот претседател Доналд Трамп ја одложи својата закана за уништување на иранските енергетски капацитети поради затворањето на Ормускиот теснец.

Израел премести илјадници војници преку границата во Либан, каде што има намера да ја преземе контролата врз целата област јужно од реката Литани – околу 30 километри северно од границата, објавува Асошиејтед Прес (АП).

Соочен со хаотичен берзански пазар, Трамп во четврток го продолжи рокот за повторно отворање на Ормутскиот теснец до 6 април. Тој рече дека Иран побарал одложување и дека разговорите одат „многу добро“, иако Техеран јавно тврдеше дека не преговара со Белата куќа за предлог од 15 точки за прекин на конфликтот.

Бахреин ја вклучи сирената доцна наутро поради иранскиот напад. Катар, исто така, го активираше алармот за прв пат по неколку дена.

Тајландскиот брод „Мајури Нари“, кој беше нападнат во Ормутскиот теснец на 11 март и напуштен од екипажот, се насука во близина на селото Рамча на островот Кешм, објавија иранските медиуми. Министерството за надворешни работи на Тајланд соопшти дека иранските и оманските власти започнале спасувачка мисија. Тројцата морнари сè уште се водат како исчезнати.

Кувајт објави дека пристаништето Шуваик во Кувајт Сити било нападнато и претрпело „материјална штета“. Никој не е повреден.

Војната досега одзеде повеќе од 1.900 животи во Иран и речиси 1.100 во Либан. 18 лица загинаа во Израел, додека тројца израелски војници загинаа во Либан. Тринаесет американски војници исто така беа убиени, како и неколку цивили на копно и на море во регионот на Персискиот Залив. Милиони луѓе во Либан и Иран се раселени.

Зачлени се на нашиот е-билтен