САД го преземаат водството од Кина во трката за африканските минерали

Африка повторно стана центар на геополитичко надмудрување меѓу големите сили. Континентот располага со огромни резерви на минерали како литиум, кобалт и волфрам — материјали неопходни за електрични возила, вештачка интелигенција и современи воени технологии. Според новите податоци, САД тивко ја надминале Кина и станаа најголем странски инвеститор во Африка, објави BBC.

САД повторно во водство

Истражувачката иницијатива за Кина и Африка при Универзитетот Џонс Хопкинс објави дека во 2023 година американските инвестиции во Африка изнесувале 7,8 милијарди долари, наспроти 4 милијарди долари на Кина. Ова е првпат по 2012 година САД повторно да го преземат водството.
Главен двигател на овие инвестиции е Американската корпорација за меѓународен развој (DFC), основана во 2019 година за време на администрацијата на Доналд Трамп. Агенцијата има јасна стратегија за ограничување на кинеското економско влијание во стратешките региони.

Пример од Руанда

DFC веќе финансира неколку рударски проекти, меѓу кои и оној на компанијата Trinity Metals во Руанда, која во 2024 година доби грант од 3,9 милиони долари за развој на рудници за калај, тантал и волфрам. Компанијата веќе извезува волфрам и калај во преработувачки погони во САД.
Претседателот на Trinity Metals, Шон МекКормик, изјави дека проектот се спроведува според највисоки стандарди — без детски труд, со безбедни услови за работа и со плаќање даноци кон локалната заедница.

Африка треба да настапи обединето

Економистката Сепо Хаимамбо од FNB Namibia предупредува дека африканските земји мораат да бидат поактивни и повнимателни во преговорите со американските инвеститори. Таа смета дека континентот треба да избегнува едноставни договори од типот „пари за ресурси“ и да бара модели кои вклучуваат споделување на профитот, заеднички вложувања и учество на локален капитал. Таквите пристапи, според неа, би можеле да овозможат создавање на суверени фондови кои ќе инвестираат во образование, здравство и инфраструктура.

Преработката како услов за развој

Хаимамбо истакнува и дека африканските држави треба да се фокусираат на домашна преработка на суровините. Еден пример е американската компанија ReElement Africa, која гради рафинерија во Јужна Африка со цел зголемување на додадената вредност и создавање нови индустриски капацитети. Извршниот директор на компанијата, Бен Кинкејд, нагласува дека ваквите проекти не само што носат економски придобивки, туку и овозможуваат развој на работната сила и индустријализација на регионот.

Критики за пропуштени шанси

Професорот Ли Бранстетер од Универзитетот Карнеги Мелон смета дека САД можеле уште порано да го преземат водството. Според него, воведувањето на трговски тарифи кон африканските земји за време на администрацијата на Трамп предизвикало разочарување, токму во период кога растело незадоволството од кинеските инвестиции.

Нови актери на хоризонтот

Во следните години, конкуренцијата во Африка најверојатно ќе се засили. Освен САД и Кина, интерес за инвестиции во минерали и енергетски ресурси веќе покажуваат и земји како Бразил, Индија и Јапонија — што најавува нова фаза во глобалната трка за африканските богатства.

Зачлени се на нашиот е-билтен