САД и да го напуштат НАТО, тоа на Европа нема да се одрази така како што мисли Трамп

Европа

Да земеме хипотетички дека Соединетите Американски Држави до крајот на мандатот на Трамп ќе ги намалат активностите во НАТО, ќе го замрзнат своето членство, па дури и да ги напуштат основачките договори на НАТО, тоа на Европа и на европската безбедност нема да се одрази толку силно колку што смета претседателот на САД.

Ова го наведува професорот по безбедност Никола Дујовски во интервју за Рацин.мк и вели дека вториот мандат на претседател Трамп може да се обележи со неколку позитивни и правилни залагања од страна на Соединетите Американски Држави, но и со неколку коишто апсолутно можеме да ги оцениме како негативни, коишто не се поврзани со НАТО.

„Тоа е американска политика, меѓутоа ќе влијае и врз односите внатре, бидејќи изјавите на претседателот Трамп укажуваат на тоа дека тој не се консултирал со своите партнери во НАТО. Генералниот секретар Руте, сите други во Брисел, можеби последни дознаа за нападите врз Иран, иако, по разузнавачките податоци тоа се знае, меѓутоа за интензитетот и за начинот на којшто почна војната во Иран, на Блискиот Исток, тие не беа информирани. Тоа е нешто што е сериозен проблем, затоа што станува збор за една исклучително моќна алијанса, којашто секако морала да биде консултирана претходно“, посочува Дујовски.

Дујовски укажува дека досега друг американски претседател не настапувал вака, односно не ги затскривал своето присуство и дејствија некаде на друго место врз база на Европа, односно на партнерите во НАТО, како што тоа го прави претседателот Трамп.

„Колку ќе успее во тоа, ќе видиме. Меѓутоа, да поставиме и хипотетички дека Соединетите Американски Држави до крајот на неговиот мандат ќе ги намалат активностите во НАТО, ќе го замрзнат своето членство, па дури и да ги напуштат основачките договори на НАТО, тоа на Европа и на европската безбедност нема да се одрази толку силно колку што смета претседателот Трамп“, оценува професорот, и додава, „ако тоа му е целта“.

Да не заборавиме, вели Дујовски, најголем дел од државите членки на ЕУ и други држави, како Македонија и другите кои што гравитираат во овој трај, се членки на НАТО.

„Станува збор за повеќе од половина милијарда луѓе со сериозна воена машинерија, со сериозен политички капацитет, со голема моќ да направат баланс на силите тогаш кога тоа ќе биде потребно. Само привидно изгледа дека европските членки на НАТО денеска се разединети, но доколку бидат доведени во прашање односите помеѓу Соединетите Американски Држави и Канада од една страна, условно, нели, на оној дел од Атлантикот, и Европа, сигурен сум дека Европа ќе одговори на многу посериозен и похомоген начин“, смета професорот по безбедност.

Тој го коментира и мислењето во јавностадека кога Америка ќе го напушти НАТО, алијанаста ќе се распадне НАТО како сојуз.

„Европските држави, бидејќи доминантно тие се НАТО, се разбира, освен Соединетите Американски Држави и Канада, и ако ја изземеме Турција, која е сепак во Европа во најголем дел, со години наназад градат структури коишто се исклучително ефикасни. Соединетите Американски Држави немаат таква сила како што имаат земјите во Европа. Зошто? Затоа што Полска има извонредна армија којашто е подготвена да ја брани границата на исток многу силно. Финска има исклучително силна пешадија. Франција може за многу краток временски период да направи баланс на силите на боевите нуклеарни глави, оние мали боеви нуклеарни градови“, појаснува професор Дујовски.

Германиците имаат сериозно производство на секаква воена опрема и оружје, аргументира тој, и вели дека од политиката на претседателот Трамп може да изгубат повеќе САД отколку во Европа.

„Во овој момент Русија, Кина, Индија, тие се на страна и гледаат што се случува. Истото го прави и Европа. Тие не губат ресурси. Секој ден таму (на Блискиот Исток и во заливот) се трошат стотици милиони долари на различни ракети и така натаму. Европа во моментов нема воено присуство, ниту има НАТО. Не е вклучен. Капацитетите на НАТО до овој момент не се допрени, па дури ни војната на Русија во Украина не ги исцрпува на некој сериозен начин капацитетите на НАТО, а тука се главно европски капацитети“, вели Дујовски.

Тој потсетува дека САД имаат свои бази таму каде што имаат интерес, но дека хрватските војници се на источното крило во Литванија, во Летонија, во Бугарија, Романија.

„Тука немаме американско присуство, како што се смета во Европа. Напротив, Европа е доволно силна и овие половина милијарда луѓе имаат многу сериозна војска со многу сериозен резервен состав“, оценува професорот Дујовски во интервјуто за Рацин.мк.

Зачлени се на нашиот е-билтен