САД и Кина постигнаа значаен договор: Драстично намалување на меѓусебните царини

САД и Кина се договорија да ги намалат меѓусебните царини за значаен број производи во пробен период од 90 дена, стои во заедничкото соопштение објавено во понеделникот, што го пренесува CNN. Овој потег следи по неколкудневни интензивни трговски преговори во Женева меѓу претставници на двете најголеми светски економии.

Според договореното, до 14 мај САД привремено ќе ги намалат царините за кинеска стока од 145% на 30%, додека Кина ќе ги намали своите давачки за американски увоз од 125% на 10%.

Во соопштението се истакнува дека двете страни ја препознаваат „важноста на одржливиот, долгорочен и взаемно корисен економски и трговски однос“. Како дел од договорот, ќе биде воспоставен и „механизам за продолжување на разговорите за економските и трговските односи“, со кој ќе координираат кинескиот потпретседател на владата Хе Лифенг, американскиот министер за финансии Скот Бесент и трговскиот претставник Џејмисон Грир.

Разговорите ќе се одвиваат наизменично во САД и Кина, или во трета земја по договор. По потреба, ќе бидат одржани и технички консултации за релевантни економски и трговски прашања.

Овој трговски пресврт е поздравен од глобалните инвеститори, особено со оглед на тоа што трговската војна која започна во мандатот на Доналд Трамп доведе до големи пазарни турбуленции, нарушени синџири на снабдување и стравувања од рецесија.

Берзанските фјучерси веднаш реагираа позитивно – Dow Jones порасна за над 2%, S&P 500 за речиси 3%, а технолошкиот Nasdaq за повеќе од 3,5%. Азиските берзи исто така забележаа пораст, при што индексот Hang Seng во Хонгконг скокна за над 3%.

Иако Белата куќа го објави договорот како „трговски споразум“, преговарачите во Женева беа попретпазливи, зборувајќи за „значителен напредок“ без премногу детали. Според Bloomberg, сѐ уште не е јасно кои се конкретните цели на двете страни и колку време ќе биде потребно за да се постигне конечен договор.

Искуството од 2018 година, кога по рунда преговори беше најавено примирје, но САД набргу повторно воведоа царини, покажува дека довербата е кревка. Договорот од „првата фаза“ беше постигнат дури во јануари 2020 година, по речиси две години дополнителни преговори.

Во првиот квартал од 2025 година, новото зголемување на царините од страна на Трамп предизвика дополнителни тензии. Според податоците на американското Министерство за трговија, увозот од Кина изнесувал само 102,7 милијарди долари – најниско ниво во последниве две години. Учеството на кинеската стока во вкупниот увоз на САД паднало на 11%, најниско во последниве 20 години.

Зачлени се на нашиот е-билтен