САД има план како да ги „купи“ жителите на Гренланд

Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп развила официјален план за припојување на Гренланд, открива New York Times. Идејата, која долго време се сметаше за реторичка или провокативна изјава, сега прераснува во официјална политика на САД.

Според планот, се исклучува воена интервенција, но администрацијата има намера да го добие Гренланд преку „мека моќ“ – односно со убедување и влијание врз локалното население од околу 57.000 жители. Планот предвидува медиумска кампања, особено преку социјалните мрежи, со цел да се поттикнат жителите самите да побараат американска анексија.

Инструкции за агенциите и критики кон Данска

Советот за национална безбедност на Белата куќа веќе составил конкретни инструкции за различни владини агенции, со насоки како да се спроведе планот. Една од стратегиите, според NYT, е јавно обвинување дека Данска не се грижи доволно за жителите на Гренланд.

Покрај тоа, се разгледува и финансиска понуда – секој жител на Гренланд би добивал по 10.000 долари годишно од САД, како замена за годишната данска субвенција од околу 600 милиони долари.

Стратешка важност и природни ресурси

Зад желбата за припојување се кријат и економски и геополитички интереси. Гренланд е богат со редки минерали, бакар, злато, ураниум и потенцијални резерви на нафта. Се смета дека растечките температури и топењето на арктичкиот мраз дополнително ја зголемуваат стратешката важност на островот.

Американските власти исто така тврдат дека само САД може да го заштитат Гренланд од потенцијална инвазија од Русија или Кина.

Трамп: „Ќе го добиеме, на еден или друг начин“

И покрај жестокиот отпор од Данска, Трамп во говор пред Конгресот изјави: „Потребен ни е Гренланд за националната, па дури и меѓународната безбедност… Ќе го добиеме на овој или оној начин.“

Според New York Times, неколку американски министерства веќе се вклучени во реализацијата на планот кој, како што велат од администрацијата, би можел да биде „еден од најголемите недвижни зделки во историјата“ – со површина на островот поголема од два милиони квадратни километри.

Данска: Островот не е на продажба

Официјални лица од Данска остро реагираа на информациите, повторувајќи дека Гренланд не е на продажба и дека не може да биде предмет на анексија. И премиерката на Данска и премиерот на Гренланд досега неколкупати ја отфрлија можноста за каков било договор со САД.

Сепак, изјавите на Трамп и конкретниот план на Белата куќа покажуваат дека интересот за Гренланд е сè посериозен – и дека Вашингтон нема намера да се откаже лесно.

Зачлени се на нашиот е-билтен