САД денеска објави нов пакет воена помош за Украина во вредност од 250 милиони долари кој вклучува системи за противвоздушна одбрана и артилериска муниција, опрема за деминирање и медицински возила, пишува Кијив индепендент.
Новиот пакет вклучува нова опрема за деминирање, противвоздушни ракети, артилериска муниција и системи ХИМАРС, како и над три милиони куршуми за лесно оружје, изјави американскиот државен секретар Ентони Блинкен.
„САД и нашите сојузници и партнери ќе останат обединети со Украина онолку долго колку што е потребно“, рече тој.
Блинкен истакна дека Русија секој ден продолжува да води брутална освојувачка војна во која загинаа многу цивили во Украина, а раселени се милиони нејзини луѓе.
„Русија ја започна оваа војна и може да ја заврши во секое време со повлекување на своите сили од Украина и прекинување на бруталните напади, нагласи државниот секретар на САД.
САД испратија повеќе од 43 милијарди долари воена помош за Украина од почетокот на руската инвазија во февруари 2022 година. Претседателот Џо Бајден овој месец побара од Конгресот да одобри уште една помош од 24 милијарди долари.