САД ја забранија контроверзната „Црвена боја бр. 3“, присутна во 3.000 производи

Администрацијата на американскиот претседател во заминување, Џо Бајден, објави забрана за употреба на „Црвената боја бр. 3“, контроверзен адитив за храна и лекови, познат по поврзаноста со ризикот од рак кај животните, јавуваат американските медиуми.

Според Работната група за животна средина, оваа синтетичка боја се користи во речиси 3.000 прехранбени производи, иако научните докази за нејзината штетност се познати со децении. Одлуката за забрана доаѓа по петиција поднесена во 2022 година од Центарот за наука од јавен интерес (CSPI) и други организации.

Американската агенција за храна и лекови (ФДА) уште во 1990 година препорача „Црвената 3“ да се забрани во козметиката поради докажана поврзаност со рак на тироидната жлезда кај животни. Сепак, бојата продолжи да се користи во храна и лекови, главно поради отпорот од прехранбената индустрија. Таа е присутна во многу бонбони, грицки, овошни производи и лекови.

Научните студии покажуваат дека синтетичките бои, вклучувајќи ја „Црвената 3“, предизвикуваат промени во мозокот, влијаејќи на активноста, меморијата и способноста за учење.

Додека САД долго го одложуваа процесот на забрана, Европската унија ја укина употребата на „Црвената 3“ во 1994 година. Слични забрани веќе се применуваат во Јапонија, Кина, Велика Британија, Австралија и Нов Зеланд.

Зачлени се на нашиот е-билтен