САД ја заоструваат конфронтацијата со Каракас: Трамп нареди блокада на танкери со венецуеланска нафта

epa12435727 US President Donald Trump speaks to the media during an impromptu event in the Oval Office of the White House in Washington, DC, USA, 06 October 2025. EPA/Aaron Schwartz – Pool via CNP / POOL

Американскиот претседател Доналд Трамп соопшти дека наредил целосна блокада на сите „санкционирани танкери“ што се движат кон или од Венецуела, со што дополнително се заострува притисокот врз владата на претседателот Николас Мадуро и врз венецуелската економија.

Одлуката следува по неодамнешната акција на американските сили, кои минатата недела запленија танкер во близина на брегот на Венецуела, невообичаен потег што дојде по зголеменото присуство на американската војска во регионот.

Во објава на својата социјална мрежа „Трут соушал“, Трамп изјави дека владата на Мадуро е означена како странска терористичка организација и ја обвини за кражба на американска имотна сопственост, како и за тероризам, трговија со дрога и шверц на луѓе.

„Затоа денес наредувам целосна и комплетна блокада на сите санкционирани нафтени танкери што одат кон или од Венецуела“, напиша Трамп.

Тој тврдеше дека Венецуела ја користи нафтата за финансирање криминални активности и најави продолжување на военото јакнење во регионот, сè додека, како што наведе, земјата не ѝ ја „врати“ на САД нафтата, земјата и имотот што наводно биле одземени – иако, како што забележува агенцијата АП, не е јасно врз што се темели таквото право.

„Венецуела е целосно опколена од најголемата армија некогаш собрана во историјата на Јужна Америка. Таа само ќе станува поголема, а шокот што ќе го почувствуваат ќе биде поинаков од сè што досега виделе, сè додека не ги вратат сите ресурси што ни ги украле“, напиша Трамп.

Пентагон ги пренасочи сите новинарски прашања до Белата куќа.

САД со години водат политика на силен притисок врз владата на Мадуро, и за време на претседателствувањето на Трамп, но и под администрацијата на Џо Бајден, преку воведување обемни санкции. Минатата недела беа воведени нови санкции за уште шест бродови за кои Вашингтон тврди дека пренесуваат венецуеланска нафта, како и санкции против роднини на Мадуро и компании поврзани со, како што наведуваат САД, неговиот „нелегитимен режим“.

Владата на Венецуела остро реагираше, обвинувајќи го Трамп за кршење на меѓународното право, слободната трговија и принципот на слободна пловидба. Во соопштението се наведува дека американскиот претседател „претпоставува дека венецуелската нафта, земјата и минералното богатство се негова сопственост“ и дека се обидува да наметне „нерационална поморска блокада“ со цел кражба на националните ресурси.

Каракас најави дека ќе ја покрене оваа ситуација пред Обединетите нации.

Зголеменото американско воено присуство околу Венецуела е проследено и со низа напади врз бродови во меѓународни води во Карипското Море и источниот Пацифик, за кои САД тврдат дека се вклучени во шверц на дрога. Според медиумски извештаи, во таа кампања, која е предмет на истрага во американскиот Конгрес, од септември досега загинале најмалку 95 лица во 25 напади.

Трамп во последните недели најавува дека операциите би можеле да се прошират и од море кон копно, додека неговата администрација ги брани акциите како успешни во спречувањето на шверцот на дрога и ги отфрла тврдењата дека со нив се прекршуваат меѓународните правни норми.

Зачлени се на нашиот е-билтен