САД ќе го нападнат Иран доколку не успеат преговорите за нуклеарната програма

Американскиот секретар за одбрана, Пит Хегсет, изјави дека САД се подготвени да преземат воена акција против Иран, доколку не се постигне напредок во разговорите за иранската нуклеарна програма.

„Ако не можеме да го решиме ова на преговарачка маса, постојат и други опции за да се осигураме дека Иран никогаш нема да дојде до нуклеарна бомба“, изјави Хегсет во интервју за CBS. Тој нагласи дека Вашингтон не сака ескалација, но ќе дејствува доколку тоа е неопходно.

Оваа порака доаѓа ден по ретките контакти меѓу САД и Иран, кои се одржаа во Оман. Средбата ја предводеше специјалниот пратеник на претседателот Доналд Трамп, Стив Виткоф, кој ја оцени дискусијата како „чекор напред кон заемно прифатлив договор“, соопшти Белата куќа.

Од иранска страна, министерот за надворешни работи Абас Арагчи изјави дека разговорите ќе продолжат следната сабота, додавајќи дека Техеран останува отворен за индиректни преговори, но не под закани и притисоци.

Преговорите се обид за обнова на нуклеарниот договор од 2015 година, кој Иран го потпиша со САД, Русија, Кина, Франција, Велика Британија и Германија. Според договорот, Техеран се обврза на ограничување на нуклеарната програма во замена за укинување на санкциите.

Сепак, во 2018 година, претседателот Трамп еднострано ги повлече САД од договорот и повторно воведе строги санкции. Како реакција, Иран го зголеми нивото на збогатување на ураниум до 60 отсто – блиску до нивото потребно за производство на нуклеарно оружје.

На 7 март годинава, Трамп соопшти дека испратил писмо до иранските власти со повик за нови преговори, но и предупредување дека воена опција останува на маса, доколку не се постигне договор.

Зачлени се на нашиот е-билтен