САД му испратиле на Иран план за примирје со 15 точки, Техеран возврати: Не сте во позиција да преговарате

примирје

САД му испратија на Иран план од 15 точки за евентуално примирје, а во исто време го зголемија своето воено присуство на Блискиот Исток, но иранската војска соопшти дека Вашингтон „не е во позиција да преговара“, пренесува АП.

Според неименувани извори, планот му бил проследен на Иран преку Пакистан, кој исто така понудил да биде домаќин на евентуални разговори, во време кога притисокот врз Вашингтон се зголемува за прекин на конфликтот, кој влегува во својот втор месец.

Во исто време, Иран ги продолжи нападите врз Израел и земјите од Персискиот Залив, вклучително и напад врз меѓународниот аеродром во Кувајт, каде што беше погоден резервоар за гориво и избувна пожар. Нападите врз енергетската инфраструктура и блокадата на Ормутскиот теснец, низ кој минува околу една петтина од светската нафта, доведоа до нагло зголемување на цените на енергијата и ги потресоа глобалните пазари.

САД, и покрај дипломатските напори, испраќаат дополнителни сили во регионот, па се очекува пристигнување на најмалку 1.000 војници од 82-та воздушно-десантна дивизија, како и распоредување на две морски единици со околу 5.000 членови и неколку илјади морнари.

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека преговорите со Иран се во тек, но не прецизираше со кого се воспоставени контактите. Техеран го негира ова, а претставникот на централната команда на Хатам ал-Анбија, Ебрахим Золфагари, изјави дека Иран „никогаш нема да се согласи на договор“ со САД.

Израелската војска соопшти дека започнала нови широки воздушни напади врз Иран, насочени кон државната инфраструктура, додека сирените повторно беа активирани утрово во Израел за да предупредат за ирански ракетни напади.

Тензиите се пренесоа и на земјите од Заливот, при што Саудиска Арабија објави дека соборила најмалку осум беспилотни летала над својата источна покраина, додека сирените се огласија во Бахреин.

Цената на нафтата од типот Брент се приближи до 120 долари за барел за време на конфликтот, но по објавувањето на евентуалното примирје, таа падна под 100 долари, сè уште останувајќи околу 40 проценти повисока отколку на почетокот на војната.

Аналитичарите проценуваат дека какви било преговори меѓу САД и Иран ќе се соочат со големи предизвици, вклучувајќи несогласувања околу нуклеарните и ракетните програми на Иран, како и двосмислености околу тоа кој во Техеран има мандат за преговори.

Зачлени се на нашиот е-билтен