САД на пат да добијат трансконтинентална железница – од Атлантскиот до Пацифичкиот Океан

САД се на прагот да добијат прва железничка компанија со мрежа која ги поврзува источниот и западниот брег – вистинска трансконтинентална железница. Овој потег би можел да поттикне нов бран на спојувања меѓу приватните железнички компании што ја делат земјата на делови.

Компанијата Union Pacific денеска соопшти дека планира да ја купи Norfolk Southern за 85 милијарди долари. Со тоа би се формирала првата железничка фирма што ги поврзува двете американски обали: железничката мрежа на Union Pacific на западот би се соединила со пругите на Norfolk што се протегаат низ источните сојузни држави.

Иако првпат САД беа поврзани со железница во 1869 година, кога во Јута беше закован „златниот клин“ што го симболизираше поврзувањето на истокот и западот, до денес ниедна компанија не управувала со единствена пруга од брег до брег. Вакво поврзување би ја поедноставило испораката на суровини и стоки низ целата земја.

Сепак, секој ваков договор ќе биде внимателно разгледан од страна на антимонополските регулатори, кои имаат високи критериуми поради претходните проблеми со застои и оптоварување на сообраќајот предизвикани од слични спојувања.

Ако спојувањето биде одобрено, другите големи железници во САД – BNSF и CSX – ќе се најдат под притисок да се здружат за да можат да се натпреваруваат со новиот гигант.

Во процесот би можеле да се вклучат и канадските компании Canadian National и CPKC.

Главниот извршен директор на Union Pacific, Џим Вена, изјави дека спојувањето би овозможило поефикасно транспортирање на стоки како дрво од северозападниот Пацифик, пластика од Мексиканскиот залив и челик од Питсбург.

„Железниците се клучен дел од американската индустриска историја, а оваа трансакција е следниот чекор во модернизацијата на индустријата“, рече Вена.

Обединетата компанија повеќе нема да мора да врши претовар среде земјата, што би значело побрзи и поевтини испораки.

Во 1980-тите, САД имаа над 30 главни товарни железници. Денес, шест компании пренесуваат најголем дел од товарот.

Ривалската компанија BNSF, во сопственост на Berkshire Hathaway, има средства за купување. Нејзиниот извршен директор, легендарниот инвеститор Ворен Бафет (94), располага со над 348 милијарди долари и можеби ќе се впушти во уште една голема зделка пред да се повлече до крајот на годината.

Иако минатата недела ги негираше шпекулациите дека има ангажирано банки за советување, тоа не ја исклучува можноста Бафет и неговиот наследник Грег Ајбл да размислуваат за нова аквизиција.

Одобрувањето од Американскиот одбор за копнен транспорт (STB), сепак, не е сигурно. Овој орган воспостави строги правила откако претходни спојувања – како она меѓу Union Pacific и Southern Pacific во 1996 година – доведоа до сериозни сообраќајни проблеми.

Но, примерот од 2023 година кога Canadian Pacific го купи Kansas City Southern за 31 милијарда долари за да формира CPKC покажува дека крупните спојувања сè уште се можни под вистински услови.

Зачлени се на нашиот е-билтен