Американскиот претседател Доналд Трамп во средата пише чај со поранешен џихадист за чие апсење САД нудеа награда од 10 милиони долари, објави CNN.
Привремениот претседател на Сирија, Ахмед ел Шара, некогаш познат по својот милитантен прекар Абу Мохамед ел Џолани, се сретнал со Трамп во Ријад, шест месеци откако го собори режимот на Башар ел Асад, ги протера иранските паравоени формации и се прогласи за лидер на земјата.
Ахмед ел Шара во 2013 година беше ставен на американската листа на глобални терористи, бидејќи бил водач на сирискиот огранок на Ал Каеда, познат како Фронт Ал Нусра, и наводно организирал бројни самоубиствени напади низ Сирија. Поранешниот џихадист, роден во Саудиска Арабија, со години се борел против американските сили во Ирак, пред да се пресели во Сирија, каде што ја предводеше исламската вооружена побуна што го собори бруталниот диктатор Асад.
Историска средба
Средбата, која сириските власти ја опишаа како историска, е прва меѓу претседателите на САД и Сирија по 25 години, и се одржа за време на блискоисточната турнеја на Трамп – прва официјална посета во неговиот втор мандат како претседател.
На фотографиите што ги објавија Белата куќа и Министерството за надворешни работи на Саудиска Арабија, двајцата се смеат, а сириското министерство соопшти дека Трамп ветил дека ќе застане зад Сирија во овој клучен момент.
Трамп ги укинува санкциите кон Сирија
Еден ден пред средбата, Трамп објави укинување на децениските санкции против Сирија, што предизвика 40-секундни овации од публиката, меѓу кои и саудискиот престолонаследник Мохамед бин Салман, кој станал од своето место.
Според CNN, Трамп изјавил пред новинарите во претседателскиот авион Air Force One дека разговорите со ел Шара биле успешни, додавајќи дека тој е „одличен“ и „млад, атрактивен и цврст човек“ со „силно, многу силно минато“.
Терористичко минато на ел Шара
Ахмед ел Шара, познат и по своето воено име Абу Мохамед ел Џолани, бил истакнат член и командант на Ал Каеда во Ирак, каде учествувал во вооружени напади против американските сили и бил уапсен и затворан во неколку американски и ирачки логори, меѓу кои и Камп Бука и Камп Таџи.
На почетокот на 2010-тите, по наредба на врвното раководство на Ал Каеда, ја основал огранокот во Сирија – Џабхат ел Нусра (Фронт за победа), кој брзо станал една од најмоќните и најрадикални фракции во сириската војна, директно поврзана со Ал Каеда.
Под негово водство, Џабхат ел Нусра, а подоцна и Хаџат Тахрир ел Шам (ХТШ), спроведувале терористички и криминални активности како киднапирања, изнуди и напади врз цивили, поради што ОН, САД, ЕУ и други меѓународни организации ги прогласија овие групи за терористички.
Иако во 2016 година формално ги прекина врските со Ал Каеда и се обиде да го промени имиџот на ХТШ, меѓународните организации и понатаму го сметаат ел Шара за одговорен за бројни злосторства и терористичкото минато.