По пауза од повеќе од една деценија, американското нуклеарно оружје повторно е распоредено на британска територија. Според извештаите на „UK Defence Journal“, неколку термонуклеарни гравитациски бомби од типот Б61-12 биле префрлени оваа недела во воздухопловната база Лејкенхит на Кралските воздухопловни сили (РАФ) во Сафолк.
For the first time since at least 2005, U.S. nuclear weapons have been deployed onto the territory of the United Kingdom, with sources reporting that several B61-12 Thermonuclear Gravity Bombs were transferred this week from the U.S. Air Force Nuclear Weapons Center (AFNWC) at… pic.twitter.com/AS4QiI4NEx
— OSINTdefender (@sentdefender) July 20, 2025
Преносот на оружјето, според достапните информации, бил изведен со хеликоптер од Центарот за нуклеарно оружје на американските воздухопловни сили во базата Киртланд, Ново Мексико. Бомбите се складирани во нов, строго обезбеден магацин во рамки на базата Лејкенхит. Иако неколку извори го потврдија пристигнувањето, Министерството за одбрана на САД сè уште официјално не го потврдило трансферот, додека британското Министерство за одбрана останува на својата долгогодишна политика да не коментира за нуклеарното присуство на своја територија.
Бомбите Б61-12 претставуваат современа генерација на тактичко нуклеарно оружје со прецизно водење и прилагодлива експлозивна моќ. Овие бомби се компатибилни со повеќе платформи, меѓу кои и борбениот авион F-35A Lightning II, со кој се опремени ескадрилите 493 и 495 што се стационирани токму во Лејкенхит.
Оваа база беше домаќин на американско нуклеарно оружје за време на Студената војна, но последните бомби беа повлечени во 2008 година, во рамки на пошироката политика на намалување на нуклеарниот арсенал во Европа. Новото распоредување означува значаен пресврт во политиката на НАТО за нуклеарно одвраќање, особено во контекст на засилените тензии со Русија.
Плановите за повторно активирање на капацитетите за складирање нуклеарно оружје во Лејкенхит беа најавени уште во 2022 година преку буџетски документи на американската влада, каде што беа наведени неопходните инфраструктурни надградби за подготвеност за нуклеарна мисија.