САД сакаат контрола врз украинскиот гасовод и минералите – преговорите сè понапнати

Американската администрација предводена од Доналд Трамп ги заострува преговорите со Украина, барајќи пристап до вредните минерални ресурси на земјата и преземање на контролата врз клучен гасовод кој ги поврзува Русија и Европа. Според извештај на британскиот Гардијан, преговорите се интензивираат, а американските барања се оценуваат како „максималистички“ и „колонијални“.

Според дипломатски извори, Вашингтон бара украинската страна да се согласи Меѓународната финансиска корпорација за развој – тело на американската влада – да ја преземе контролата врз гасоводот кој се протега од рускиот град Суџа до украинскиот град Ужгород, на западната граница со ЕУ. Гасоводот, изграден уште во времето на СССР, долго време беше еден од главните канали за транспорт на руски гас кон Европа.

Но, од 1 јануари 2025 година, Украина го прекина транзитот на руски гас преку оваа рута, откако истече петгодишниот договор со руската државна компанија „Гаспром“. И покрај тоа што транзитот со години носеше стотици милиони евра приход за Киев, новата реалност на војна и геополитичка пренасоченост го доведе до запирање.

Во најновата рунда преговори, според Гардијан и Политика, САД инсистираат не само на управување со гасоводот, туку и на целосен пристап до украинските резерви на ретки земни метали, нафта и гас – чии вредности се проценуваат на над 500 милијарди долари. Ова е вторпат откако администрацијата на Трамп предлага договор според кој САД ќе обезбедуваат оружје, а за возврат ќе добијат долгорочен удел во украинските природни богатства.

Претседателот Володимир Зеленски, кој веќе минатата есен изрази подготвеност да и понуди на Америка пристап до минералниот сектор, сега вели дека Украина ќе се согласи на договор само ако условите се рамноправни.

„Јас само го бранам она што ѝ припаѓа на Украина. Договорот мора да биде од корист и за нас и за САД. Приходите треба да се делат подеднакво – пола на пола“, рече Зеленски во изјава минатата недела.

Сепак, американскиот претседател Трамп продолжува со притисоци, предупредувајќи дека ако Киев не го прифати договорот, ќе се соочи со „големи проблеми“. Тој го обвини Зеленски дека се обидува да се повлече од претходно договорените услови.

Ситуацијата дополнително се усложни во петокот, кога специјалниот пратеник на Трамп, Стив Виткоф, одржа средба со рускиот претседател Владимир Путин во Санкт Петербург. Таму, според Гардијан, Виткоф предложил радикално решение за завршување на конфликтот – да ѝ се отстапат на Русија четири украински региони, вклучувајќи територии кои сè уште се под контрола на Киев. Ваквиот предлог беше веднаш осуден од повеќе украински функционери, но се чини дека е во линија со досегашната стратегија на Трамп за „реалполитика“ и избегнување понатамошна воена ескалација.

Економистот Владимир Ланда од Центарот за економска стратегија во Киев вели дека барањата на Трамп се „понижувачки“ и споредливи со репарациите наметнати врз Германија по Првата светска војна.

„Американците сакаат сè што можат да добијат. Ова се барања од колонијален тип. Шансите да бидат прифатени се многу мали“, оценува Ланда.

Во меѓувреме, Украина и САД остануваат во финалната фаза од договарањето на договор за заедничка експлоатација на минералните ресурси, кој би бил клучен за економското закрепнување на земјата и зајакнување на врските со Западот. Сепак, цената која Украина треба да ја плати, според критичарите, би можела да биде преголема.

Зачлени се на нашиот е-билтен