САД седат на злато во вредност од 750 милијарди долари

Наглиот раст на цената на златото и растечкиот државен долг од 37 трилиони долари повторно ја отворија дебатата за евентуална ревалоризација на американските златни резерви. Новата анализа на Федералните резерви разгледува меѓународни примери каде земји успеале да приберат средства токму преку зголемување на книговодствената вредност на златото.

Во изминатата година, цената на златото порасна за повеќе од 40%, од под 2.400 на над 3.400 долари за унци. Со оглед на тоа дека Министерството за финансии на САД го проценува златото по фиксна цена од 42,22 долари за унца, вредност поставена уште во 1973 година, официјалната проценка изнесува само 11 милијарди долари. Но, според пазарната цена, 261,5 милиони унци злато во државните резерви би вределе над 750 милијарди долари.


Документот на Федералните резерви од 1 август, со наслов „Официјални ревалоризации на резерви: меѓународно искуство“, опишува примери од Германија, Италија, Либан, Курасао и Свети Мартин и Јужна Африка. Во некои случаи приходите од ревалоризација биле искористени за намалување на долгот, а во други за покривање загуби на централните банки.

Ревалоризацијата во САД би значела зголемување на официјалната цена на златото и „пензионирање“ на постојниот златен сертификат од 11 милијарди долари. Новата вредност би можела да генерира стотици милијарди долари приходи без физичка продажба на златото, што би било пренесено од Федералните резерви до Министерството за финансии.

Собраните средства би можеле да се користат за отплата на дел од долгот или за нови буџетски проекти. Меѓу идеите е и создавање државен инвестициски фонд или стратегиски биткоин резерви, предлози кои ги застапуваат некои републикански сенатори и претседателот Доналд Трамп.

Сепак, критичарите предупредуваат на опасност од инфлација, опишувајќи ја мерката како „заобиколено печатење пари“ или „сметководствена манипулација“. Историски пример е ревалоризацијата од 1934 година, која доведе до зголемување на паричната маса и намалување на независноста на Федералните резерви, состојба исправена дури во 1951 година.

Зачлени се на нашиот е-билтен