САД: Сенатот направи чекор кон завршување на владината блокада

Американскиот Сенат го отвори патот за прекин на рекордно долгиот застој на владата, кој трае од 1 октомври. Синоќа (10 ноември) 60 сенатори гласаа „за“ предлогот за привремен буџет, додека 40 беа „против“. Според договорот, финансирањето на владините активности ќе биде обезбедено најмалку до крајот на јануари.

Предлог-законот сега оди во Претставничкиот дом, кој би можел да гласа веќе во среда, по што документот би бил проследен до претседателот Доналд Трамп. Трамп го оцени постигнатиот компромис како „многу добар“ и најави дека блокадата „многу брзо“ ќе биде укината.

Главна точка на спор – здравствената заштита

По недели на политички застој, умерените демократи се согласија повторно да го финансираат владиниот апарат, иако републиканците не го прифатија нивното клучно барање – продолжување на даночните олеснувања што им овозможуваат на милиони Американци да имаат здравствено осигурување. Демократите добија само ветување дека Сенатот ќе гласа за ова прашање, без гаранции за исходот. За целосна потврда ќе биде потребно и одобрување од Претставничкиот дом, каде засега нема најава за гласање по оваа точка.

Последици од блокадата

Владината блокада, најдолга во историјата на САД, ги погоди стотици илјади федерални службеници кои останаа без плата, а многу јавни услуги беа укинати или ограничени. Откажани се бројни летови, со што биле погодени околу 1,2 милиони патници. Програмата за помош со храна СНАП, што ја користат околу 42 милиони Американци, е суспендирана.

Со усвојувањето на компромисниот буџет, се очекува повторно активирање на оваа програма и враќање на работните места на илјадници федерални службеници.

Зачлени се на нашиот е-билтен