САД тајно подготвуваат планови за Венецуела по Мадуро

Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп, по месеци засилен воен и политички притисок врз Каракас, во строга тајност разработува сценарија за периодот по можното заминување од власт на венецуелскиот лидер Николас Мадуро, објави Си-Ен-Ен повикувајќи се на високи владини извори.

Според двајца високи претставници на администрацијата и уште еден извор запознаен со процесот, во Белата куќа се работи на планови за таканаречениот „ден потоа“. Овие документи опфаќаат повеќе можни насоки за американско дејствување со цел да се пополни евентуалниот вакуум на моќ и да се стабилизира земјата без разлика дали Мадуро би се повлекол доброволно или по американска интервенција. Иако официјалното образложение за засиленото воено присуство во Карибите е борбата против трговијата со дрога, интерните планови упатуваат дека Вашингтон разгледува и опција за присилно менување на режимот.

Иако дел од администрацијата се спротивставува на воена акција, конечна одлука сè уште нема. Кон крајот на минатиот месец Трамп телефонски разговарал со Мадуро, а според висок претставник на Белата куќа, му упатил неформален ултиматум дека е во негова корист да ја напушти земјата.

„Работа на федералната влада е да подготвува планови А, Б и Ц“, изјавил висок официјален претставник, додавајќи дека претседателот не би изнесувал закани доколку не располага со тим подготвен за различни развои на настаните. Подготовките ги води Советот за домашна безбедност, предводен од Стивен Милер, во тесна соработка со државниот секретар Марко Рубио.

Плановите на венецуелската опозиција

Венецуелската опозиција, предводена од Марија Корина Мачадо и Едмундо Гонзалес, веќе изработила свои програми за транзиција, плановите „100 часа“ и „100 дена“, кои опфаќаат мерки во безбедноста, економијата, енергетиката и инфраструктурата. Тие документи се споделени со администрацијата на Трамп, но не е познато во која мера се вградени во американските процени.

Вашингтон го смета Гонзалес за „легитимен претседател“ на Венецуела, што дополнително го забрзува процесот на планирање. Администрацијата анализира бројни можни сценарија за заминувањето на Мадуро, што го усложнува и без тоа комплексниот процес на стабилизација.

Избегнување на хаос и повторување на грешките од Ирак

САД ќе мора да одлучат каква и колкава помош да ѝ понудат на Венецуела за да се избегнат хаос и насилства по повеќегодишното владеење на Мадуро. Иако распоредување американски трупи на терен се смета за малку веројатно, економска, безбедносна и разузнавачка поддршка би била неопходна.

Експертите ја поздравуваат раната подготовка, предупредувајќи дека Вашингтон не смее да ја повтори ситуацијата од 2003 година во Ирак, кога изостана јасен план за периодот „по интервенцијата“.

Клучен предизвик ќе биде определувањето на легитимитетот на идната власт. Ако Мачадо и Гонзалес веднаш ја преземат власта, САД би можеле од првиот ден да го обноват признавањето, објаснува економистот Франциско Родригез.

Но, доколку се формира преодна влада со учество на претставници на Чавизмот, тогаш ќе се јават дилеми: кога да се даде меѓународно признавање, како тоа ќе влијае врз санкциите и колку брзо Венецуела ќе може да добие неопходна економска помош.

Иако администрацијата одржува контакти со опозицијата, не постојат редовни средби на највисоко ниво.

Стратешка цел: намалување на влијанието на надворешните актери

Дејвид Смолански, висок советник на опозициските лидери, ги поздрави американските напори, нагласувајќи дека заедничка цел е „побезбедна и послободна хемисфера“ преку ограничување на влијанието на Куба, Иран, Русија и Кина, земји кои, како што вели, имаат значајна улога во Венецуела.

Новите информации покажуваат дека САД се подготвуваат за повеќе можни исходи, а интензивирањето на тајните планови укажува дека Вашингтон веќе ја гледа Венецуела во етапа по Мадуро,прашање е само кога и како ќе дојде тој момент.

Зачлени се на нашиот е-билтен