Младите на возраст од 15 до 24 години сочинуваат само 10% од вкупното население во Германија, соопшти Сојузната канцеларија за статистика, пренесува агенцијата DPA.
До крајот на 2024 година, околу 8,3 милиони лица во оваа возрасна група живееле во Германија. Овој удел, кој е историски најнизок, останал непроменет од крајот на 2021 година.
Стабилизацијата на бројот на млади најмногу се припишува на имиграцијата на претежно млади лица, особено по почетокот на руската инвазија врз Украина во февруари 2022 година.
Според статистичарите, доколку не постоеше миграција, уделот на млади во вкупното население би бил уште понизок – само 8,6%.
Најголем удел на млади е забележан кај лицата родени во Германија, но со двајца родители имигранти – дури 20,7%.
Податоците откриваат и изразени регионални разлики. Градските покраини Бремен (11,1%) и Хамбург (10,5%), како и покраината Баден-Виртемберг на југозапад (10,5%) имаат највисок удел на млади, додека најнизок удел е евидентиран во поранешните источногермански покраини: Бранденбург (8,7%), Мекленбург-Западна Померанија и Саксонија-Анхалт (по 8,9%).
Според податоците на Европската статистичка служба (Еуростат), Германија на почетокот на 2024 година имала помал удел на млади (10%) отколку просекот на земјите членки на ЕУ (10,7%).
Највисок процент на млади од 15 до 24 години е забележан во Ирска (12,6%), Холандија (12,3%) и Данска (12,2%), додека најниски удели имаат Бугарија (9,2%) и Литванија (9,5%).