Според рангирањето на воените сили за 2025 година на компанијата Global Firepower, Индија е четврта најсилна воена сила во светот, додека Пакистан се наоѓа на 12. место.
Индија е петти најголем воен потрошувач на глобално ниво. Во 2024 година, таа потрошила 86 милијарди долари за воени цели, што е 2,3 отсто од нејзиниот БДП, според податоците на СТОКХОЛМСКИОТ МЕЃУНАРОДЕН ИНСТИТУТ ЗА ИСТРАЖУВАЊЕ НА МИРОТ (SIPRI).
За споредба, Пакистан во истата година потрошил 10,2 милијарди долари или 2,7 отсто од својот БДП.
Воена моќ во бројки на Индија и Пакистан
Индија располага со 5.137.550 воени сили, што е речиси тројно повеќе од Пакистан, кој има 1.704.000 припадници. Ниту една од овие две земји нема задолжителна воена служба.
Во воздушната моќ, Индија има 2.229 воени авиони, додека Пакистан има 1.399. Кога станува збор за копнените сили, Индија располага со 3.151 борбен тенк, во споредба со 1.839 во Пакистан.
Пакистанската морнарица ги покрива своите јужни брегови долж Арапското Море во должина од 1.046 километри и располага со 121 пловен објект. Индија, пак, со својата 6.100 километри долга обала, има 293 поморски средства.
Нуклеарната трка
Според податоците на ICANW (Меѓународна кампања за укинување на нуклеарното оружје), во 2023 година светските нуклеарни сили потрошиле околу 91,4 милијарди долари на развој и одржување на своите арсенали.
Индија го изврши својот прв нуклеарен тест во мај 1974 година, а уште пет тестови следеа во мај 1998 година, по што официјално се прогласи за нуклеарна сила.
Пакистан одговори истата година, спроведувајќи нуклеарни проби и станувајќи нуклеарна држава.
Од тогаш, Индија и Пакистан влегоа во скапа трка во наоружување, инвестирајќи милијарди долари во развојот на нуклеарен арсенал.
Според Центарот за стратешки и меѓународни студии (CSIS), нуклеарното одвраќање на Индија главно е насочено кон Пакистан и Кина, а арсеналот вклучува ракети со долг дострел, мобилни копнени платформи, и заеднички развој на морски ракети со Русија.
Пакистан, пак, се потпира на мобилни балистички ракети со краток и среден дострел, доволни за да ја погодат Индија. Кина значајно му помогнала на Пакистан во развојот на нуклеарниот и ракетниот капацитет.
Кој ги снабдува со оружје?
Тензиите меѓу Индија и Пакистан го поттикнуваат растот на увозот на оружје. Според SIPRI, Индија е втор најголем увозник на оружје во светот (по Украина), со 8,3% од глобалниот увоз во периодот 2020–2024. Најголем дел од ова оружје доаѓа од Русија, но Индија сѐ повеќе се ориентира кон Франција, Израел и САД.
Пакистан го зголемил увозот на оружје за 61% помеѓу 2015 и 2019 година. Во периодот 2020–2024, тој е петти најголем светски увозник со 4,6% од вкупниот увоз на оружје.