Саудиска Арабија ќе ги отплати долговите на Сирија кон Светска банка

Саудиска Арабија планира да ги отплати долговите на Сирија кон Светската банка, во обид да овозможи одобрување на милиони долари помош за обновување и за поддршка на јавниот сектор, кој е на работ на колапс, пишува Ројтерс.

Ова би била прва позната форма на финансиска поддршка од Ријад откако бунтомвниците го симнаа Башар ал-Асад од власт минатата година. Иако од саудиското Министерство за финансии не коментираат шпекулации, плановите се разгледуваат како потенцијален чекор кон нормализација на односите со новото сириско раководство.

Плановите доаѓаат во време кога се забележуваат првични знаци на поддршка од страна на арапските земји од Заливот за Сирија. Минатиот месец Катар најави план за снабдување на земјата со гас преку Јордан, со цел да се подобри електричната мрежа. Овој потег, според извори, имал зелено светло од Вашингтон. Сепак, иако САД издадоа шестмесечно ослободување од дел од санкциите за да се поттикне хуманитарна помош, ефектот е ограничен. Американската администрација и натаму е претпазлива, особено поради претходните врски на новото сириско раководство со Ал-Каеда.

Сирија има околу 15 милиони долари долг кон Светската банка, кои мора да се исплатат пред да се одобрат нови грантови и помош. Претходниот план за отплата со замрзнати средства не се реализира, поради недостиг од девизи во Дамаск. Светска банка размислува да го поддржи обновувањето на енергетската мрежа и исплатата на јавниот сектор, велат извори запознаени со разговорите. Делегација на банката неодамна се сретна со сирискиот министер за финансии Мохамед Јоср Берние во Дамаск, во прва јавна средба меѓу двете страни.

Берние на средбата ја истакнал штетата од меѓународните санкции и политиките на претходниот режим врз финансискиот и банкарскиот сектор на земјата. Сирија, според „Ројтерс“, ќе испрати висока делегација на пролетните средби на Светската банка и ММФ во Вашингтон, што ќе биде прва посета на сириски претставници во САД по промената на власта.

Засега не е познато дали ќе има средби со американски претставници, а во меѓувреме, дебатите во Вашингтон за пристапот кон новото сириско раководство сè уште траат.

Зачлени се на нашиот е-билтен