Украинските безбедносни сили извршиле повеќе од 160 прецизни напади врз рафинерии и енергетски постројки длабоко во руската територија, при што руската преработка на нафта е намалена за околу 90%, а недостигот на гориво надминал 20%, изјави директорот на Службата за безбедност на Украина (СБУ), Васил Малјук, пренесува Euromaidan Press.
„Во септември и октомври ги погодивме неколкуте клучни рафинерии во Русија“, изјави Малјук на денешниот брифинг во Киев, објаснувајќи дека украинските сили користеле дронови и проектили со дострел над 120 километри за да нанесат штета врз легитимни воени и економски цели.
„Станува збор за она што го нарекуваме кинетички санкции — удари длабоко во непријателската позадина со кои ја прекинуваме економската поддршка на агресијата“, нагласи тој.
Малјук истакна дека украинските напади се насочени исклучиво кон постројки за производство и преработка на нафта, кои директно го финансираат руското војување. „Тоа се валкани нафтени рубљи со кои непријателот нѐ убива,“ додаде тој.
Според податоците на BBC Verify, од јануари 2025 година досега се погодени 21 од 38 големи руски рафинерии, со рекорден број напади во август, кои останале чести и во текот на октомври.
Меѓународната агенција за енергија проценува дека руската преработка на нафта е намалена за околу 500.000 барели дневно, што ќе ги задржи ниските стапки најмалку до средината на 2026 година.
Податоците на Bloomberg покажуваат дека рускиот извоз на гориво е намален на најниско ниво од почетокот на војната, со поморски испораки што паднале на 1,89 милиони барели дневно.
Дополнителен проблем претставуваат западните санкции, кои ѝ забрануваат на Русија да набавува специјализирана опрема за поправка на рафинерии. Поради тоа, секој дефект — било од напад, било од технички kvar — прераснува во долготрајна енергетска криза.
Украина со овие удари, комбинирани со западните санкции, настојува да ја ослаби способноста на Кремљ да финансира воена потрошувачка, бидејќи приходите од нафтата и гасот и понатаму се главен извор на средства за руската инвазија.
Како што подвлече Малјук, стратегијата на Киев се претвора во форма на економска војна, со цел да се прекине „енергетската артерија“ која ја храни руската воена машинерија.

