Се огласи сопственикот на клубот „Џет Сет“ по трагедијата – Мајки, татковци, браќа и сестри на загинатите, можете да сметате на нас

Сопственикот на клубот „Џет Сет“, каде што животот го загубија најмалку 98 лица по уривањето на покривот за време на настап на познат пејач, се огласи со емотивна порака.

Бизнисменот Антонио Еспајлат, чија фамилија повеќе од 50 години го води овој најпознат клуб во Доминиканската Република, изјави дека е бескрајно тажен и соопшти дека тагува заедно со семејствата на настраданите и повредените.

„Денес сакаме да се обратиме, пред сè, на семејствата погодени од трагедијата што се случи синоќа во Џет Сет. Нема доволно зборови за да се изрази болката предизвикана од овој настан. Она што се случи е разорно за сите нас. Сакаме да знаете дека сме со вас, ја делиме вашата тага“, рече бизнисменот во видео објава на официјалниот Инстаграм профил на клубот.

Тој нагласи дека клубот од самиот почеток целосно соработува со надлежните органи.

„На вас, мајки, татковци, браќа и сестри, деца и најблиски на настраданите: можете да сметате на нас. Сè што правиме сега, секоја одлука, секој чекор – има една цел: да живееме заедно со вашиот болка и да бидеме со вас“, порача сопственикот.

Исто така се заблагодари на спасувачите кои неуморно ги пребаруваат урнатините со надеж дека ќе најдат преживеани.

Да потсетиме, трагедијата се случи за време на настапот на познатиот меренге пејач Руби Перез. Во моментот на несреќата, во клубот имало над 1.000 луѓе. Публиката уживала во концертот кога одеднаш се срушил покривот – сето тоа било снимано и од присутни.

Клубот „Џет Сет“ е најпознатиот клуб во Доминиканската Република и работи повеќе од 50 години. Претрпел две реновирања, последното било во 2015 година.

Сè уште не е позната причината за уривањето на покривот.

Зачлени се на нашиот е-билтен