Сè понеизвесен исходот од претседателските избори во Полска

Пред претседателските избори во Полска на 18 мај, разликата меѓу водечките кандидати драстично се намали, што резултира со зголемена неизвесност околу исходот. Градоначалникот на Варшава, Рафал Чашковски, кандидат на владејачката коалиција, води со 28% поддршка според анкетата на IPSOS, но неговото водство пред конзервативниот ривал Карол Навроцки се стопи на само 4%.

Трет е радикалниот националист Славомир Менцен со 13%, додека по 6% добиваат Шимон Холовња од демохристијаните и левичарот Адријан Зандберг. Другите осум кандидати се под прагот од 5%.

И премиерот Доналд Туск и претседателот Анджеј Дуда апелираа до граѓаните масовно да излезат на гласање, подвлекувајќи дека изборите се клучни за иднината на Полска и нејзината улога во ЕУ и НАТО, особено во контекст на руската агресија во Украина.

Кампањата беше засенета од скандали поврзани со Навроцки, кој наводно измамил пензионер за да дојде до евтин стан, но неговите поддржувачи тврдат дека станува збор за политички напад. Иако анкетите сè уште му предвидуваат победа на Чашковски во вториот круг, неговата предност се движи од 4% до 12% – зависно од изворот.

Во владејачката коалиција се зголемува стравот од повторување на сценариото од 2015 година, кога аутсајдерот Анджеј Дуда победи и покрај првичните предвидувања.

Зачлени се на нашиот е-билтен