Во пресрет на објавувањето на нови документи поврзани со случајот на Џефри Епстајн, демократите од Комитетот за надзор на Претставничкиот дом објавија нови фотографии на кои покрај финансиерот се појавуваат Доналд Трамп и други влијателни личности. Сепак, уште поважни се резултатите од анкетите кои покажуваат дека големо мнозинство Американци, вклучувајќи и значителен дел републиканци, веруваат дека Трамп бил запознаен со наводните злосторства на Епстајн, пишува CNN.
Нови фотографии од архивата на Епстајн
Демократите во петокот објавија серија фотографии преземени од архивата на Епстајн, на кои, меѓу другите, се гледаат Доналд Трамп, Бил Клинтон, Стив Бенон и Ричард Бренсон. Иако фотографиите привлекоа големо внимание, врските на Епстајн со овие луѓе беа познати и претходно, а самите слики не откриваат значајни нови информации. Важно е да се напомене дека ниту едно од овие лица не е официјално обвинето за кривично дело во овој случај.
Анкетите покажуваат длабока недоверба
Анкетата на Reuters-Ipsos открива дека само 18 отсто од Американците сметаат дека е веројатно Трамп да не знаел за наводните злосторства на Епстајн. Од друга страна, дури 60 отсто веруваат дека е „малку веројатно“ или „воопшто неверојатно“ дека тој не бил информиран, сооднос од три спрема еден во корист на уверувањето дека Трамп знаел нешто.
Дури и меѓу републиканците, нешто повеќе испитаници сметаат дека Трамп веројатно бил свесен за случувањата (39 отсто), отколку оние кои веруваат дека не знаел (34 отсто). Притоа, Трамп не е обвинет за какво било кривично дело во случајот Епстајн и во повеќе наврати негирал каква било вмешаност.
Ова не е единствената анкета со вакви резултати. Истражување на Yahoo News и YouGov, спроведено уште во јули, постави подиректно прашање, дали Трамп учествувал во злосторствата со Епстајн. Дури 48 отсто од Американците одговориле потврдно, додека само 24 отсто изразиле сомнеж. Ниту кај републиканците нема целосно отфрлање на оваа можност, само 55 отсто веднаш ја негирале таквата тврдење.
Овие податоци укажуваат дека околу три четвртини од Американците се склони да веруваат дека актуелниот претседател знаел за злосторствата или дури учествувал во нив со озлогласениот педофил.
Зошто јавноста се сомнева во Трамп?
Ваквото јавно расположение сугерира дека претстојната објава на документите би можела да биде политички штетна за Трамп, дури и ако не се појават конкретни докази. Белата куќа ја нарече објавата на фотографиите „демократско подметнување“, тврдејќи дека електронските пораки „не докажуваат апсолутно ништо, освен дека претседателот Трамп не направил ништо погрешно“.
Дел од причините за ваквото мислење може да лежат во општото уверување дека моќните луѓе се склони кон извршување кривични дела. Претходни анкети веќе покажале дека мнозинството гласачи веруваат дека Трамп извршил „сериозни федерални злосторства“.
Сепак, за разлика од неговите други обвиненија или скандалите поврзани со Украина, во случајот Епстајн нема цврсти докази за директна вмешаност на Трамп. Затоа, сомнежите најверојатно се темелат и на неговото однесување, збунувачките изјави за односот со Епстајн и доцното признавање дека бил запознаен со улогата на Гислејн Максвел, која регрутирала малолетна девојка од Мар-а-Лаго.
На тоа се надоврзуваат и електронските пораки на Епстајн, објавени минатиот месец, во кои тој самиот сугерира дека Трамп знаел за девојките. „Секако дека знаеше за девојките…“, напишал Епстајн во 2019 година, а во друга порака од 2011 година го нарекол Трамп „куче кое не лаело“.
Со оглед на сето ова, не изненадува што многу Американци веруваат во најлошото сценарио. Со помалку од една недела до рокот за објавување на документите од Министерството за правда, станува збор за бројки кои Трамп сигурно не сака да ги види, а кои дополнително ја зголемуваат политичката опасност што за него произлегува од аферата Епстајн.