Семејствата на исчезнатите патници од летот MH370 ќе добијат по 350 илјади евра обештетување

Судот во Малезија денеска одлучи дека авиокомпанијата Malaysia Airlines мора да исплати по 307 илјади фунти (околу 351 илјада евра) на семејствата на осуммина патници кои исчезнаа со летот MH370 во 2014 година.

Според судот, обештетувањето ги покрива трошоците за погреб, последиците од загубата и емоционалната болка што семејствата ја трпат повеќе од една деценија, пренесува Sky News.

Летот MH370, кој леташе од Куала Лумпур кон Пекинг, мистериозно исчезна на 8 март 2014 година. И покрај големи меѓународни потраги, авионот не беше пронајден, а сите патници и членови на екипажот беа прогласени за мртви. Повеќето од патниците биле кинески државјани, чии семејства и денес бараат одговори за трагедијата.

Судот соопшти дека се во тек уште 23 постапки, додека кај 47 случаи е постигната спогодба.

Минатата недела, малезиската влада најави дека потрагата по авионот ќе продолжи на 30 декември, 11 години по исчезнувањето.

Зачлени се на нашиот е-билтен