Сериозно предупредување од Зеленски до Европа: „Сетете се што направи Путин со Крим“

Украинскиот претседател Володимир Зеленски ја предупреди Европа дека каква било територијална отстапка кон Русија би ја охрабрило агресијата и би ја довело во опасност безбедноста на целиот континент.

Во интервју за францускиот магазин Le Point, украинскиот претседател Володимир Зеленски испрати остро предупредување до европските лидери, истакнувајќи дека „повлекување од Донбас би го изложило Харкив и би ѝ овозможило на Русија да го заземе клучниот индустриски центар Дњипро“.

„Путин го зазеде Крим за да го искористи како база за опкружување на југот. Во 2014 година го окупираше истокот за да подготви целосна инвазија. Повлекување сега би ѝ отворило нови можности на Русија за нова агресија“, изјави Зеленски.

Предупредувањето доаѓа по предлогот на американскиот претседател Доналд Трамп за „брз мировен договор“ меѓу Украина и Русија, кој, според него, би бил можен доколку Киев се откаже од Крим. Трамп изјави дека Зеленски „може веднаш да стави крај на војната, ако сака“, но дека „Крим не може да биде вратен“.

Украинскиот лидер ваквите предлози ги оцени како неприфатливи и порача дека откажување од територија не доаѓа предвид.

Зеленски нагласи дека опстанокот на Украина директно ја одредува идната источна граница на Европа:

„Ако Украина не издржи, тогаш таа граница ќе биде Полска. Или дури Германија“, рече тој.

Тој посочи и на развојот на современи ракетни технологии и новите безбедносни ризици:

„За две години Русија ќе има ракети со дострел од 5.000 километри. И ние ќе ги имаме. Ни морето, ни океаните нема да ве заштитат“, предупреди украинскиот претседател.

Во меѓувреме, рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров повтори дека Русија бара меѓународно признание на анектираните украински територии – Крим, Донецк, Луганск, Херсон и Запорожје.

„За траен мир, новонастанатите територијални реалности мора да се признаат и формализираат во согласност со меѓународното право“, изјави Лавров.

Украинскиот министер за надворешни работи, Андриј Сибиха, ги нарече барањата на Москва „стари ултиматуми“, истакнувајќи дека Русија не покажува никаква искрена намера за вистински преговори.

Паралелно, рускиот претседател Владимир Путин, во изјава од Пекинг, порача дека ќе продолжи воената кампања ако не се постигне мировен договор.

„Ако нема мир, тогаш ќе ги решаваме сите задачи воено“, рече Путин.

Во обид да обезбеди постојана поддршка од ЕУ, Зеленски престојува во Париз, каде што се среќава со европските сојузници. Според него, нема никакви знаци дека Москва е подготвена искрено да го прекине воениот конфликт.

Зачлени се на нашиот е-билтен