Јужнокорејската војска соопшти дека Северна Кореја рано утринава истрелала неколку крстосувачки ракети кон Жолтото Море. Тие додадоа дека деталите за лансирањето ги анализираат јужнокорејските и американските разузнавачки служби, пренесува Ројтерс.
Тоа е најновото во серијата ракетни тестирања и воени вежби кои Пјонгјанг ги спроведува во последните недели, вклучувајќи го и неуспешното лансирање на шпионски сателит кон крајот од минатиот месец.
Јужна Кореја вчера најави санкции против пет лица и една компанија од Северна Кореја кои учествувале во развојот на нуклеарната и ракетната програма на таа земја.
Севернокорејската новинска агенција KCNA во четвртокот објави дека Пјонгјанг извршил симулиран нуклеарен напад врз цели низ Јужна Кореја, што предизвика критики од Сеул.
Заедничките годишни воени вежби на Јужна Кореја и САД завршија во четвртокот по 11-дневни воздушни маневри во кои учествуваа и стратешки бомбардери Б-1Б.
Северна Кореја протестираше поради распоредувањето на американски авиони способни да носат нуклеарно оружје, истрелувајќи две балистички ракети само неколку часа подоцна во знак на одмазда. Пјонгјанг долго време ги критикува овие вежби, кои ги гледа како проба за воен судир.