Северна Кореја повторно тестираше подводно беспилотно возило способно да носи нуклеарно оружје, јави Ројтерс.
Северна Кореја тестираше беспилотно подводно возило наречено „Хаил-2“ (Haeil-2) меѓу 4 и 7 април, јавија државните медиуми, повеќе од една недела откако го претстави новиот подводен дрон „Хаил-1“, чие име се преведува како „цунами“.
Севернокорејската државна новинска агенција КЦНА соопшти дека за време на подводното тестирање, дронот поминал 1.000 километри за 71 час и 6 минути и успешно погодил симулирана цел.
Тестот совршено ја докажа сигурноста на подводниот систем за стратешко оружје и неговите способности за смртоносен напад, соопшти КЦНА.
Фотографиите што ги објавија државните медиуми покажуваат голем објект со темна боја во форма на торпедо, траги од неговата траекторија и експлозија на површината на морето.
Некои аналитичари се сомневаат дали подводното возило е подготвено за употреба, но КЦНА јави дека системот ќе помогне да се спречат воените дејствија против Северна Кореја.
Северна Кореја со месеци редовно тестира различно оружје и ја зголеми својата активност во последните недели како одговор на заедничките воени вежби на САД и Јужна Кореја.
Пјонгјанг неодамна претстави нови, помали нуклеарни боеви глави и лансираше интерконтинентална балистичка ракета што може да погоди цел каде било во САД.