Иран денеска стана полноправен член на Шангајската организација за соработка (СЦО), се истакнува во денеска усвоената декларација на Самитот на СЦО.
– Земјите-членки ја истакнаа историската важност на приемот на Исламската Република Иран во СЦО како полноправна земја-членка, се наведува во официјалниот документ.
Претседателот на Иран Ебрахим Раиси во говорот на Самитот на СЦО истакна дека членството Иран ќе му обезбеди услови за зајакнување на безбедноста, државниот суверенитет и одржлив економски развој.
Претходно, индискиот премиер Нарендра Моди наведе дека СЦО треба да биде обединета во борбата против тероризмот и да не се двоуми да ги осуди државите кои го поддржуваат теророт.
Лидерите на СЦО денеска одржуваат Самит преку видео-врска, чиј домаќин е Индија, со цел да го прошират влијанието на евроазиската политичка и безбедносна организација со вклучување на Иран и отворање на патот за членство на Белорусија,
Кинескиот претседател Си Џинпинг и рускиот лидер Владимир Путин учествуваат на денешниот 23-ти Самит на Советот на шефови на држави на СЦО. Првпат Путин да учествува на меѓународен настан по бунтот на руската приватна воена компанија „Вагнер“ на крајот на јуни.
На 26 април 1996 година, Русија, Кина, Киргистан, Таџикистан и Казахстан ја основаа Шангајската петорка, организација која беше преименувана во Шангајска организација за соработка по пристапувањето на Узбекистан на 15 јули 2001 година. Официјални јазици се кинескиот и рускиот. Во СЦО секоја земја може да стане членка, но само на САД им беше одбиено членството.
Полноправни членки на СЦО се Русија, Кина, Узбекистан, Казахстан, Киргистан, Таџикистан, Индија, Пакистан и Иран, додека набљудувачи се Монголија, Белорусија, Авганистан. Партнери во дијалогот се Азербејџан, Египет, Ерменија, Камбоџа, Катар, Кувајт, Малдиви, Мјанмар, Непал, Обединети Арапски Емирати, Саудиска Арабија, Турција и Шри Ланка. Земји кои формално не се членки, но ја поддржуваат СЦО се Виетнам, Лаос, Куба, Северна Кореја, Венецуела, како и Абхазија и Јужна Осетија.
Шангајската организација за соработка се занимава со воена, безбедносна, економска и културна соработка.