Шефот на Пентагон сподели видео со барање за укинување на правото на глас за жените

Американскиот министер за одбрана Пит Хегсет предизвика бура од реакции на социјалните мрежи откако сподели видео во кое христијански пастори тврдат дека на жените треба да им се одземе правото на глас. Контроверзната објава, пишува Associated Press, ја открива неговата длабока поврзаност со христијанското националистичко движење кое застапува екстремни ставови за улогата на религијата и жените во општеството.

Хегсет на платформата X сподели речиси седумминутен прилог на CNN, кој го истражува дејствувањето на Даг Вилсон, коосновач на Заедницата на реформските евангелистички цркви (CREC). Во прилогот, еден од пасторите од црквата на Вилсон отворено се залага за укинување на правото на глас за жените, додека друг наведува дека во неговиот идеален свет цели домаќинства би гласале како една единка. Прикажана е и членка на заедницата која изјавува дека му се покорува на својот сопруг. „Севкупен Христос за севкупен живот“, кусо прокоментира Хегсет со видеото.

Поделени реакции
Неговата објава собра повеќе од 12.000 лајкови и 2.000 споделувања, а реакциите на корисниците беа поделени. Додека едни ги поддржаа ставовите изнесени во видеото, други изразија длабока загриженост што висок државен функционер промовира вакви идеи. Даг Пагит, пастор и извршен директор на прогресивната евангелистичка организација Vote Common Good, нагласи дека вакви идеи застапува „мала група христијани“ и оцени дека е „многу вознемирувачки“ што Хегсет ги промовира.

Главниот портпарол на Пентагон, Шон Парнел, во петокот потврди дека Хегсет е „горд член на црква“ поврзана со CREC и дека „многу ги цени делата и учењата на господин Вилсон“. Ова не е прв пат Хегсет да ја користи својата позиција за промовирање на сопствените верски убедувања.

Во мај, тој во Пентагон го повика својот личен пастор, Брукс Потигер, да води молитвена служба за време на работното време, а поканите беа испратени на службените е-поштенски адреси на вработените. Намерите на движењето, чиј поборник е Хегсет, самиот Вилсон ги сумираше во изјава за CNN: „Би сакал да ја видам нацијата како христијанска нација, а светот како христијански свет“.

Зачлени се на нашиот е-билтен