Популарните онлајн продавници Shein и Temu, познати по екстремно ниските цени, соопштија дека од 25 април ќе ги зголемат цените на одредени производи поради новите царини што ги воведе Доналд Трамп за увоз од Кина.
Иако засега не е прецизирано кои производи точно ќе поскапат, од двете компании велат дека зголемените оперативни трошоци се директна последица на новите увозни давачки.
Поголемиот дел од производите на Shein и Temu се произведуваат во Кина, која сега се соочува со рекордна царинска стапка од дури 145%. Во нивните соопштенија се бара од Трамп да ги укине високите давачки, бидејќи директно ја нарушуваат нивната конкурентност на американскиот пазар.
Бурна реакција од потрошувачите
На социјалните мрежи започнаа масовни дискусии и совети околу тоа што треба веднаш да се купи пред цените да пораснат. Еден корисник објави вирално видео со препораки за: обетки за 2 долари, шише за вода слично на „Stanley“ за 21 долар и очила за сонце за 3 долари.
Популарен TikTok инфлуенсер со 75.000 следбеници, познат по рецензии на Shein, изјави:
„Нарачајте веднаш, јас нема веќе да купувам откако ќе се зголемат цените.“
Највиралниот коментар до сега гласи:
„Ќе го поминам океанот само за да ги избегнам царините и лично да си ги подигнам пакетите.“
– видеото собра над еден милион лајкови.
Трамп: „Царините се високи, но нема да паднат на нула“
Претседателот Доналд Трамп во вторникот изјави дека сегашните царински стапки „значително ќе се намалат, но нема да паднат на нула“. Од американска страна тврдат дека преговорите со Кина се „во тек“, но кинеските власти велат дека „консултациите дури и не започнале“.
Портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи, Гуо Џиаку, изјави дека договор сè уште нема, додека претставникот на Министерството за трговија, Хе Јадонг, додаде:
„Отворени сме за преговори, но тие мора да бидат фер и взаемни. Ги повикуваме САД да ги укинат сите еднострани царински мерки.“
Позадина: раст, критики и сомнежи
Во 2024 година, Shein оствари приходи од 38 милијарди долари, но со пад на профитот за над 30%. Од друга страна, Temu е на пат да достигне годишна продажба од 50 милијарди долари, според проценки на AB Bernstein и Tech Buzz China.
И покрај растот, и двете компании се мета на сериозни обвинувања.
Shein е обвинет за користење памук од кинескиот регион Синџијанг, додека американскиот Конгрес утврдил дека Temu има „исклучително висок ризик“ од користење на присилна работна сила во синџирот на снабдување.
Иако Temu е регистриран во Бостон, неговата матична компанија е PDD Holdings од Кина. Shein, пак, во 2022 година го премести своето седиште од Кина во Сингапур, пренесуваат Blic/Forbes.