Германскиот канцелар во заминување, Олаф Шолц, го осуди рускиот ракетен напад врз североисточниот украински град Суми, во кој денеска загинаа најмалку 32 лица, нарекувајќи го „варварски напад“, јави ДПА.
„Сликите од центарот на градот Суми, каде руски проектили убиваа невини цивили на Цветници се ужасни. Нашите мисли се со семејствата на жртвите и повредените“, рече Шолц во изјавата на X.
Тој додаде дека таквите напади го нагласуваат недостатокот на искреност зад наводната подготвеност на Русија да бара мир со Украина, пренесува германската агенција .
„Наместо тоа, гледаме дека Русија ја продолжува својата агресивна војна против Украина со немилосрдна бруталност“, напиша Шолц.
„Оваа војна мора да заврши, а Русија конечно мора да се согласи на сеопфатен прекин на огнот. Ние работиме на таа цел заедно со нашите европски и меѓународни партнери“, рече Шолц.
Според украинскиот претседател Володимир Зеленски, најмалку 32 лица, меѓу кои две деца, загинале во нападот. Повеќе од 80 други се повредени, од кои неколку се деца, пренесе ДПА