Германскиот канцелар Олаф Шолц во средата рече дека Европа „нема да се крие“ како одговор на враќањето на Доналд Трамп како претседател на САД.
Говорејќи во Париз пред средбата со францускиот претседател Емануел Макрон, Шолц рече дека Европа ќе биде „конструктивен и самоуверен партнер“ за Соединетите држави.
„Ние сме силни, стоиме заедно“, рече Шолц, кој беше во француската престолнина на одбележувањето на 62-годишнината од Елисејскиот договор со кој се зацврсти повоеното помирување меѓу Франција и Германија.
Макрон и Шолц се согласуваат дека „Европа мора да биде силна и еластична во свет кој – благо кажано – е во движење“, рече Шолц опишувајќи го вториот мандат на Трамп како „предизвик“.
Неговите коментари ги повтори и Макрон, кој рече дека двете земји сакаат да ја „забрзаат“ европската агенда наспроти заканите за американски царини за европскиот извоз.
Претседателот рече дека „од нас Европејците, а со тоа и на нашите две земји, зависи да ја одиграме нашата целосна улога во консолидирањето на обединета, силна и суверена Европа“.
„Денес, повеќе од кога било, приоритет на Европејците мора да биде нашата Европа и, пред сè, нашата конкурентност, нашиот просперитет и нашата безбедност“, додаде тој.
Двете земји соработуваат на повеќе полиња, вклучувајќи ја и вештачката интелигенција, рече Макрон. „Имаме француско-германски план за вештачка интелигенција и сакаме заеднички да развиеме повеќе истражувачки проекти, старт-ап и раст на нашите компании“.
Макрон зборуваше за тензиите во француско-германските односи во последниве години, но сигнализираше дека врските остануваат силни. „Соочени со предизвиците и грижите кои понекогаш се појавуваат, парот што го формираме е солиден“.