Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Шпанија пред политичка криза

Заедно за Каталонија (JxCAT), партијата на поранешниот каталонски премиер Карлос Пуџдемон, е клучна за формирање влада во Шпанија, откако ниту левиот ниту десниот блок не добија доволно гласови за да управуваат со земјата на вчерашните парламентарни избори.

Левиот блок партии освои 172, а десниот 170 пратеници во 350-члениот парламент. За формирање влада потребни се 176 претставници.

Партијата Заедно за Каталонија, која се залага за независност на автономната покраина во североисточниот дел на земјата, освои седум пратеници, па може да донесе предност. Иако е партија од десниот центар, нејзината главна цел е независноста на Каталонија, туристичкиот и индустрискиот мотор на земјата, па затоа е во постојан конфликт со шпанската десница, која инсистира на интегритетот на Шпанија.

Партијата Заедно за Каталонија затоа може да му овозможи на актуелниот социјалистички премиер Педро Санчез да дојде до доволен број пратеници, сметајќи дека неговиот став за прашањето за Каталонија е поблаг. Но, денеска таа ја услови својата поддршка со „амнестија“ на организаторите на забранетиот референдум во 2017 година, вклучувајќи го и Пуџдемон, и со „самоопределување“ за Каталонија, што значи организирање референдум.

Џорди Турул, генерален секретар на партијата Заедно за Каталонија, за каталонското радио RAC1 изјави дека во моментов не гледа можност за формирање влада во Шпанија. Десничарската Народна партија, која доби најмногу гласови, ќе биде првата што ќе се обиде да ја собере поддршката од другите партии следниот месец, но и со сите поврзани партии нема да ги достигне потребните 176 пратеници.

Доколку нејзиниот лидер Алберто Нуњез Фејо остане без поддршка за формирање малцинска влада, што во моментов е веројатно, на ред ќе дојде сегашниот премиер Санчез, кој го зазеде второто место со Шпанската социјалистичка работничка партија (ПСОЕ). Доколку „Заедно за Каталонија“ ја поддржи неговата влада или се воздржи од гласање во парламентот, Санчез ќе добие нов четиригодишен мандат.

– Неопходно е да му се постават услови на Санчез кои би доведоа до амнестија и самоопределување, изјави Турул. „Притисокот треба да оди во таа насока“, додаде тој.

Левичарската коалициска влада на Санчез пред изборите соопшти дека нема да дозволи референдум во Каталонија бидејќи тоа е спротивно на шпанскиот устав. Но, таа го олесни кривичниот законик со замена на терминот „немири“ со „нарушување на јавниот ред“, олеснувајќи ги казните за осудените организатори на референдумот.

Народната партија на десниот центар, која беше на власт за време на обидот за отцепување на Каталонија пред шест години, пред изборите најави дека ќе размисли за враќање на стариот, построг кривичен закон доколку дојде на власт.

Пуџдемон, чија регионална влада го организираше забранетиот референдум во 2017 година, е во егзил во Белгија. Врховниот суд бара негова екстрадиција за да може да му се суди во Мадрид, но досега не успеа во тоа. Шпанија, која претседава со Европската унија, мора да има нова влада до октомври. Доколку дотогаш партиите не се договорат, Шпанците ќе одат на нови избори. 

Зачлени се на нашиот е-билтен