Владата на Шпанија објави планови за воведување данок до 100 проценти на недвижности купени од жители на земји кои не се дел од Европската Унија, но и Велика Британија и САД.
Ова е една од десетината мерки што вчера ги претстави премиерот Педро Санчес, со цел да се реши кризата со домувањето во земјата, предизвикана од порастот на трошоците за живеење кои ги надминуваат можностите на многу жители, пренесува „Гардијан“.
Санчес истакна глобалната природа на предизвикот, наведувајќи дека цените на недвижностите во последната деценија низ Европа пораснале за 48 проценти, што е далеку над растот на приходите на домаќинствата.
„Западот се соочува со клучен предизвик – да не стане општество поделено на две класи: богати сопственици на недвижности и сиромашни кираџии“, изјави тој на економски форум во Мадрид, според британскиот весник.
Предложените мерки вклучуваат зголемување на понудата на социјални станови, стимули за оние кои ќе обноват и ќе издаваат празни недвижности по достапни цени и намалување на бројот на туристички апартмани.
Во Шпанија, само 2,5 проценти од станбениот простор е наменет за социјално домување, бројка која драстично заостанува зад земји како Франција и Холандија, истакна Санчес.
Граѓаните од Велика Британија, САД и Мароко долго време масовно купуваат недвижности во Шпанија, особено во области како Ибица, Марбеља и Барселона.
Санчес го опиша данокот до 100 проценти како „невиден“ во шпанската историја.
„Само во 2023 година, нерезидентите на Европската Унија купија околу 27.000 куќи и станови во Шпанија. И тие тоа не го направија за да живеат во нив, не го направија за нивните семејства да имаат каде да живеат, туку го направија за да шпекулираат, за да заработат од нив. Во контекст на недостигот со кој се соочуваме, тоа едноставно не можеме да го дозволиме.“
Премиерот не даде повеќе детали за тоа како ќе функционира овој план, ниту кога ќе биде финализиран и испратен во парламентот за одобрување.