САД официјално го прогласија таканаречениот Cartel de los Soles („Картелот на сонцата“) за страна терористичка организација, тврдејќи дека мрежата ја водат високи венецуелански воени и политички функционери, меѓу кои и самиот претседател Николас Мадуро. Каракас остро ги отфрла обвинувањата и дури го доведува во прашање самото постоење на картелот.
Вашингтон ја засилува стратегијата, Каракас возвраќа
Со оваа одлука, американските агенции добиваат многу пошироки овластувања за дејствување против групата, во момент кога САД вршат зголемен политички и воен притисок врз режимот на Мадуро.
Венецуелското Министерство за надворешни работи соопшти дека „цврсто и апсолутно“ ја одбива американската квалификација. Дисодадо Кабељо, моќниот министер за внатрешни работи кого Вашингтон го смета за еден од главните фигури, изјави дека обвиненијата се „чиста измислица“.
Колумбискиот претседател Густаво Петро, пак, оцени дека картелот е „изговор создаден од екстремната десница“ за рушење на непослушните влади во регионот.
Како настанало името „Картел на сонцата“?
Терминот првпат се појавува во 90-тите во венецуелските медиуми, откако еден генерал задолжен за борба против дрогата бил обвинет дека е вмешан во трговија со кокаин. „Сонцата“ се однесуваат на симболите во форма на сонце на еполетите на високите офицери.
Со текот на времето, изразот почнал да се користи пошироко – за сите високи воени и полициски службеници за кои постоеле сомнежи за соработка со нарко-картели.
Дали постои вистински „картел“?
Според експертите, Картелот на сонцата не е класична криминална организација со јасна хиерархија.
Повеќе функционира како лабав систем на корупција и мрежи на влијание во кои се поврзуваат поединечни функционери, делови од војската и криминални групи.
Неколку теории објаснуваат како настанала оваа мрежа:
По падот на колумбискиот картел Меделин во доцните 80-ти, дел од трговијата со дрога се префрлила на алтернативни маршрути низ Венецуела.
Под власта на Уго Чавез, со прекинот на соработката со американската DEA, се создал простор за злоупотреби во делови од војската.
Колумбиската герилска група ФАРК, која се финансираше со трговија со дрога, нашла прибежиште во Венецуела, што дополнително го засилило протокот на кокаин.
САД тврдат дека мрежата води до највисоките ешалони на власта. Во 2020 година американското Министерство за правда поднесе обвинение против Мадуро и уште 14 функционери, меѓу кои: Дисодадо Кабељо, поранешниот шеф на разузнавање Уго Карвахал и Генералот Кливер Алкала.
Обвиненијата се темелат на сведоштва на пребези, меѓу кои и Леамси Салазар, поранешен телохранител на Чавез, кој тврди дека Кабељо бил на чело на операцијата.
Неколку поранешни високи функционери веќе признаа вина во САД: генерал Алкала во 2020 година, а годинава и Карвахал, кој прифати вина за трговија со дрога и нaрко-тероризам.
Американски награди за апсење на Мадуро и Кабељо
Вашингтон нуди рекордни суми за информации што би довеле до нивно апсење:
- 50 милиони долари за Николас Мадуро
- 25 милиони долари за Дисодадо Кабељо
Каракас ова го нарекува „лажна конструкција“ со цел да се оправда „американска интервенција“.

