Кога ќе се спомене зборот рецесија, првите асоцијации се економски пад, затворени фирми, отпуштени работници и намалена потрошувачка. Но што всушност претставува рецесијата, како се препознава и – можеби најважно – како може да се надмине?
Во еден свет во која целата економија е поврзана, рецесијата ретко останува локален феномен. Пад на БДП во САД или Кина, трговски војни или глобални шокови како пандемијата од ковид-19, може за кратко време да го „заразат“ остатокот од светот. Сепак, за да ја разбереме рецесијата, потребно е да го разбереме и поширокиот економски циклус.
Економијата не се движи во права линија. Таа се развива низ бранови – периоди на раст, но и на опаѓање. Овој процес е познат како економски циклус, кој се состои од неколку клучни фази:
Експанзија: период кога економската активност расте. Се отвораат нови работни места, платите се зголемуваат, а довербата кај потрошувачите и инвеститорите е висока.
Врв (бум): највисока точка на растот. Капацитетите се преполни, инфлацијата почнува да расте, а централните банки реагираат со зголемување на каматните стапки.
Рецесија: доаѓа до забавување на активноста, потрошувачката и инвестициите опаѓаат, а невработеноста расте.
Депресија: најтешката фаза – трајна стагнација со длабоки економски последици.
Според класичната дефиниција, техничка рецесија постои кога БДП опаѓа два квартала по ред. Но зад бројките стојат реални последици – изгубени работни места, стрес за домаќинствата, затворени мали бизниси и намалена сигурност кај граѓаните.
Што ги предизвикува рецесиите
Рецесиите можат да бидат дел од природниот тек на економијата, но често се поттикнати од надворешни шокови – глобални конфликти, трговски бариери, финансиски кризи или здравствени катастрофи.
Пример за тоа е големата финансиска криза од 2008 година, која започна во американскиот сектор за недвижности, но брзо се прошири како домино ефект врз банките, индустријата и целото светско стопанство.
Последиците од рецесијата се многубројни:
Зголемена невработеност – фирмите го намалуваат бројот на вработени за да ги задржат трошоците под контрола.
Пад на личната потрошувачка – граѓаните штедат наместо да трошат, што дополнително го забавува економскиот раст.
Банкроти на фирми – особено на мали и средни бизниси без резерва за преживување во кризни услови.
Неизвесност на пазарите – инвеститорите се повлекуваат, цените на акциите паѓаат, а девизните резерви се под притисок.
Како се одговара на рецесија?
Владите и централните банки имаат неколку алатки за справување со рецесијата:
Фискални мерки – државни инвестиции во инфраструктура, образование или енергетика за да се поттикне економската активност.
Намалување на даноците – за да им се остави повеќе пари на граѓаните и бизнисите.
Монетарни мерки – намалување на каматните стапки за да се олесни задолжувањето и поттикне потрошувачката.
Но, мерките мора да бидат прецизни, навремени и транспарентни. Прекумерна државна интервенција може да доведе до нови проблеми – инфлација, зголемен јавен долг или нарушување на конкурентноста.
Иако рецесијата е болна, таа исто така нуди можности. Компаниите се приморани да ги преиспитаат своите трошоци, стратегија и иновативност. Економистот Јозеф Шумпетер го нарече овој процес „креативна деструкција“ – отстранување на старото и слабото, за да му се направи простор на новото и поефикасното.
Во време на криза се раѓаат нови бизнис модели, стартапи, технологии и начини на размислување. Пандемијата, и покрај сите штети, донесе дигитална трансформација со брзина каква што претходно беше незамислива.
Што занчи тоа за нас?
Северна Македонија, како мала и отворена економија, е особено ранлива на надворешни шокови. Зависноста од увоз, нестабилноста на енергенсите и политичката неизвесност ја прават економијата чувствителна на секој удар.
Затоа, потребни се долгорочни стратегии – диверзификација на економијата, поддршка за домашното производство, инвестиции во образованието и иновациите, и, најважно – стабилни институции.
Рецесијата не е крај, туку предупредување. А од начинот на кој ќе одговориме, ќе зависи дали кризата ќе нè зајакне или ослабне уште повеќе.