Синдикатот на обединети работници на американската компанија „Старбакс“ соопшти дека вработените во сојузните држави Мисури, Њу Џерси и Њујорк започнале штрајк во неделата, приклучувајќи се на своите колеги од продавниците во Колорадо, Охајо и Пенсилванија.
Според Си-Ен-Ен, синдикатот „Starbucks Workers United“ претставува над 10.000 работници во повеќе од 525 продавници низ САД, при што главната дејност на компанијата е продажба на кафе и пијалаци.
Штрајкот започна во петокот во Чикаго (Илиноис), Лос Анџелес (Калифорнија) и Сиетл (Вашингтон) – каде што е и седиштето на компанијата и каде беше отворена првата продавница на „Старбакс“.
Според синдикатот, досега се целосно затворени 30 продавници низ земјата, но се очекува до вторник бројот на засегнати објекти да се зголеми на над сто.
Иако засега станува збор за мал дел од над 10.000 „Старбакс“ локации во САД, каде работат повеќе од 200.000 луѓе, синдикатот најавува натамошна ескалација доколку не се исполнат барањата.
Работниците бараат зголемување на платите за баристите и се надеваат дека до крајот на годината ќе постигнат договор со менаџментот за нови услови за работа и ќе решат постоечките правни спорови.