Треба да почнат подготовките за обнова на Украина и за справување со штетите од војната, изјави германската министерка за економска соработка и развој Свења Шулце на заедничката прес-конференција со украинскиот амбасадор во Берлин Олексиј Макеев, јави ДПА.
Секој кој верува во подобра иднина, кој работи за неа, ќе може подобро да ги преживее овие тешки времиња, истакна Шулце на претставувањето на интернет платформата чија цел е да помогне во воспоставувањето врска меѓу хуманитарните организации и приватниот сектор.
Од искуството во работата за опоравување ширум светот, знаеме дека добрата подготовка е исклучително важна, така што итната помош треба да го надополни долгорочното закрепнување што е можно подобро и поефикасно, додаде министерката.
Платформата на централизиран сајт има за цел да биде контакт за сите што сакаат да придонесат за закрепнувањето, наведува ДПА.
Штетата предизвикана од руската инвазија е огромна и моментално се проценува на 135 милијарди долари, нагласи Макеев.
Тој додаде дека на Украина ќе и бидат потребни над 400 милијарди долари, од кои „14 милијарди се потребни оваа година“.
Одговарајќи на прашање, Макеев изјави дека Украина ќе обезбеди правилна употреба на средствата и ќе се бори против корупцијата.