Граѓаните на Швајцарија на референдум со јасно мнозинство ги одбија двете предложени иницијативи – воведување задолжителна воена служба за жените и воведување нов данок на донации поголеми од 50 милиони швајцарски франци.
Одбиена „иницијативата за граѓанска служба“
Официјалните резултати покажуваат дека повеќе од половина кантони убедливо гласаа против предлогот жените да бидат обврзани на воена служба или да учествуваат во тимови на цивилна заштита, исто како и мажите.
Швајцарската влада уште претходно порача дека ниту армијата ниту службите за цивилна заштита немаат недостиг од кадар и дека проширувањето на регрутацијата би создало непотребен товар. Дополнително, се нагласуваше дека таквата мерка би ја зголемила оптовареноста за многу жени, кои веќе преземаат значаен дел од неплатената грижа за децата, постарите и домашните обврски.
Во земјата веќе постои задолжителен воен рок за мажите. Тие што одбиваат воена служба можат да се приклучат на цивилна заштита, а оние што одбиваат и таа обврска мораат да платат надоместок.
Одбиен и предлогот за данок на големи донации
Бирачите исто така го отфрлија предлогот за воведување данок на индивидуални донации поголеми од 50 милиони франци. Собраните средства требаше да се користат за финансирање проекти со кои би се намалило влијанието на климатските промени до 2050 година.
Поддржувачите на оваа мерка сметаа дека таа ќе ги засили социјалната кохезија и активностите во секторите како заштита на животната средина, безбедност на храната и грижа за старите лица. Но, противниците – меѓу нив и мнозинството пратеници – оценуваа дека мерката би создала дополнителни трошоци, би го пренасочила младото работоспособно население и би го нарушила пазарот на труд.
Швајцарската влада беше против воведувањето на новиот данок, предупредувајќи дека тоа би можело да ги натера најбогатите граѓани да ја напуштат земјата, со што би се загрозила нејзината финансиска стабилност.
Денешниот референдум уште еднаш го потврди специфичниот швајцарски модел на директна демократија, во кој бирачите имаат голема улога во одлучувањето за клучните прашања од јавниот интерес.