Цените на недвижностите во ЕУ пораснаа за 48% од 2010 до 2023 година, што придонесе за значителни разлики во начинот на домување меѓу европските земји, покажува најновиот извештај на Евростат.
Повеќе од две третини (69%) од жителите во ЕУ поседуваат свој дом, додека 31% живеат под наем. Романија предничи со над 95% од населението кои имаат свој дом, следена од Словачка, Хрватска и Унгарија со над 90%.
Швајцарија и Германија, пак, имаат највисок процент потстанари – над половина од населението живее под наем.
Во последната деценија, цените на недвижностите забележаа огромен раст, особено во Естонија (+209%), Унгарија (+191%) и Литванија (+154%). Најголемите трошоци за домување, вклучувајќи вода, струја и гас, ги има Ирска – двојно над просекот на ЕУ.
Луксембург и Данска се следни, додека најевтини трошоци за живот се забележани во Бугарија и Полска.
Во просек, луѓето во ЕУ трошат 19,7% од својот расположлив приход за домување. Грција е на врвот со 35,2%, а Луксембург и Данска следат со 27,6% и 25,9%.
Во 2023 година, просечните инвестиции во недвижности изнесуваа 5,8% од БДП на ЕУ – околу еден трилион евра. Најмногу вложувале граѓаните на Кипар (8,6% од БДП), додека Полска (2,2%) и Грција (2,3%) се на дното.
Разликите во пристапот кон домување, сопственост и инвестиции покажуваат како економските и социјалните фактори влијаат на изборите и можностите за домување низ Европа.