Швајцарската невладина организација Public Eye повторно го обвини глобалниот прехранбен гигант Nestlé дека додава шеќер во храната за бебиња Cerelac што ја продава во африканските земји. Nestlé категорично ги негира обвинувањата, нарекувајќи ги „заблудувачки“ и без основа.
Ова е втор извештај на Public Eye за истата тема. Во април 2024 година организацијата тврдеше дека Nestlé додава шеќер во производите за бебешка исхрана на пазарите со ниски и средни приходи, додека истите производи наменети за европските потрошувачи не содржеле додаден шеќер.
Фокус на Африка, каде расте дебелината кај децата
Новата анализа, објавена година и пол подоцна, е посветена исклучиво на африканскиот пазар. Шефот на програмата за земјоделство и исхрана во Public Eye, Лоран Габарел, изјави за AFP дека дебелината долго третирана како проблем на богатите земји сега се шири со забрзано темпо и во Африка.
Организацијата се фокусирала на Cerelac производи со житарици наменети за бебиња од шест месеци и постари. Од здруженија за заштита на потрошувачите во 20 африкански земји побарале примероци од локалните продавници и добиле речиси 100 производи, кои потоа биле лабораториски анализирани.
Резултати: до две коцки шеќер по порција
Според Public Eye, просечната количина додаден шеќер во испитаните порции изнесувала речиси 6 грама еквивалент на околу една и пол коцка шеќер. Највисока вредност е забележана кај производ што се продава во Кенија, со 7.5 грама по порција.
„Оваа храна ја консумираат бебиња од шест месеци. Во тој период се формираат вкусовите и постои ризик да се развие зависност од шеќер“, предупреди Габарел.
Nestlé: „Извештајот е погрешен“
Од Nestlé остро ги отфрлија наводите, наведувајќи:
„Ако се исклучат природните шеќери што потекнуваат од млекото, житарките и овошјето, нашите бебешки каши не содржат нивоа на шеќер какви што наведува извештајот. Здравјето на децата е наш највисок приоритет.“
Дебелината во Африка во нагорен тренд
Светската здравствена организација (СЗО) предупредува дека бројот на дебели возрасни лица во Африка речиси се удвоил меѓу 2000 и 2016 година, а сличен тренд се забележува и кај децата.

