Шведски гигант отпушта 3.000 луѓе


Шведскиот производител на автомобили „Волво Карс“ денес објави дека ќе отпушти околу 3.000 вработени, главно од административниот сектор во Шведска, како дел од програмата за штедење и зајакнување на ликвидноста.

„Автомобилската индустрија поминува низ предизвикувачки период. Треба да го зајакнеме генерирањето на паричен тек и трајно да ги намалиме трошоците, но исто така да продолжиме да го развиваме талентот потребен за нашите амбициозни идни цели“, рече извршниот директор на Volvo Cars, Хокан Самуелсон.

Компанијата во сопственост на кинескиот Гили Холдинг (Geely Holding) истакнува дека овие мерки се дел од долгорочна стратегија и дека останува посветена на преминот кон целосно електрични возила, објавува CNBS.

Волво, исто така, ги повлече финансиските прогнози за 2025 и 2026 година, наведувајќи ги растечките трговски ризици и неизвесноста на пазарот.

Компанијата истакнува дека „тешките, но неопходни“ одлуки за отпуштање се клучни за компанијата да остане конкурентна и да ги исполни своите стратешки цели во иднина.

„Волво Карс“ неодамна објави дека продажбата во април се намалила за 11 проценти на годишно ниво на 58.881 возила, делумно поради слабата побарувачка за електрични возила (EV).

За време на презентацијата на извештајот за првиот квартал од 2025 година, Самуелсон изјави дека автомобилската индустрија е во средината на многу тежок период, со предизвици што досега не се евидентирани.

Зачлени се на нашиот е-билтен