Шведскиот премиер изложен на остри критики зашто користел ChatGPT

European Parliament, CC BY 2.0 , via Wikimedia Commons
European Parliament, CC BY 2.0 , via Wikimedia Commons

Шведскиот премиер, Улф Кристерсон, се најде на удар на критики откако призна дека редовно се консултира со алатки базирани на вештачка интелигенција за да добие „второ мислење“ во неговата улога како лидер на државата, пренесува „Гардијан“. 

Кристерсон, чија партија ја предводи коалициска влада на Шведска, изјави дека користи алатки како ChatGPT и француската услуга LeChat. Тој додаде дека и неговите колеги користат вештачка интелигенција во својата секојдневна работа.

„Јас лично го користам доста често. Ако не за друго, тогаш барем за второ мислење. Што направиле другите? И дали треба да размислуваме сосема спротивно? Таков тип на прашања“, рече тој.

Сепак, технолошки експерти изразија загриженост за тоа како политичарите користат алатки базирани на вештачка интелигенција, а весникот Aftonbladet го обвини Кристерсон дека „паднал под влијание на вештачката интелигенциска психоза на олигарсите“.

„Мора да се биде многу внимателен,“ изјави Симоне Фишер-Хибнер, истражувачка по компјутерски науки на Универзитетот во Карлстад, за Aftonbladet, предупредувајќи против користење на ChatGPT за работа со чувствителни информации.

Портпаролот на Кристерсон, Том Самуелсон, изјави дека премиерот не презема ризици при користењето на вештачка интелигенција.

„Се разбира, не се работи за безбедносно чувствителни информации кои завршуваат таму. Се користи повеќе како ориентир,“ рече тој.

Вирџинија Дигнум, професорка за одговорна вештачка интелигенција на Универзитетот Умео, изјави дека вештачката интелигенција не е способна да даде суштинско мислење за политички идеи.

Преземено од Мета.мк

Зачлени се на нашиот е-билтен