Си-Ен -Ен: Кина ги примила и ги разгледува пораките од САД за трговски преговори

Кинеското Министерство за трговија објави дека „моментално ги оценува“ предлозите од Соединетите Американски Држави за започнување трговски разговори, што е значителна промена во тонот што би можела да отвори врата за преговори меѓу двете најголеми економски сили во светот, објави Си-Ен-Ен.

  • Соединетите Американски Држави неодамна, преку соодветните канали, испратија неколку пораки до Кина изразувајќи ја својата желба за започнување разговори. Кина моментално ги разгледува овие пораки – изјави портпаролот на Министерството.

Соопштението укажува на омекнување на ставот на Пекинг, кој досега заземаше цврст и непопустлив став во услови на ескалација на тензиите предизвикани од трговската војна што ја започна американскиот претседател Доналд Трамп.

Трамп со денови изјавува дека неговата администрација е во разговори со кинеските претставници за можен трговски договор – но Пекинг досега редовно ги негираше тие тврдења.

Во соопштението, Пекинг потврди дека за какви било сериозни преговори, САД ќе мора да исполнат одредени предуслови.

„Трговската војна и царинските мерки беа еднострано започнати од САД. Ако сакаат да преговараат, мора да покажат искрена намера – што вклучува исправување на грешките и повлекување на зголемувањето на царините“, се вели во соопштението.

Огромните трговски текови меѓу двете најголеми економии во светот се во опасност. За потсетување, претходно овој месец, Трамп ги зголеми царините за кинески стоки на дури 145 проценти, што им го отежна извозот на многу кинески компании на американскиот пазар. Како одговор, Пекинг возврати со зголемување на царините за американски производи за до 125 проценти.

Зачлени се на нашиот е-билтен